Католичка црква „Свети Кирил и Методиј и Св. Бенедикт“ – Охрид / фотогалерија
09.06.2025 • Фотографија

Објект: Католичка црква „Свети Кирил и Методиј и Св. Бенедикт“ – Охрид
Автор: /
Изградба: 2001 година
Локација: Партизанска бб, Охрид (Google Maps)
Автор на фотографии: Љубен Трајаноски /2025/
Извори: 365 Цркви во Охрид на Facebook
Во новиот дел на Охрид, веднаш до крајбрежјето на езерото и во близина на хотелот „Палас“, се наоѓа католичката црква посветена на светите Кирил и Методиј и св. Бенедикт – тројца христијански светители кои се сметаат за заштитници на Европа.
Црквата е изградена во 2001 година и претставува еден од ретките современи католички објекти во град со доминантна православна традиција. Архитектонски таа е целосно адаптирана на контекстот но воедно експресивна и функционална, прилагодена за секојдневна богослужба и собирање на локалната католичка заедница.
Во внатрешноста, посебно се истакнува олтарната слика – уметничко дело на италијанскиот професор Винченцо Бианки, на која се прикажани св. Кирил, св. Методиј и св. Бенедикт. Сликата е централниот визуелен елемент во просторот и придонесува за духовната атмосфера на објектот.
Иако оваа црква е релативно нова, таа продолжува една подолга традиција на католичко присуство во Охрид. Во неа се чува вреден документ – посвета од надбискупот Алоиз Турк, запишана на 18 мај 1985 година, во која се споменува постоењето на една постара капела во Охрид, посветена на св. Кирил и Методиј. Таа била уредена уште во 1939 година од скопскиот бискуп д-р Јанез Гнидовец, за тогашната католичка заедница во градот.
Овој запис исто така потсетува на некогашната католичка надбискупија во Охрид, која постоела сè до средината на 17. век. По нејзиното укинување во 1656 година, функцијата на надбискупија ја презема Скопје.
Новата црква денес претставува не само место за молитва, туку и симбол на континуитетот на католичката традиција во градот, како и знак на почит кон мисионерското дело на светите Кирил и Методиј.
Во продолжение е фотогалерија во која може да се увиди контекстот, фасадата и ентериерот на црквата.

Автор на статија: Љубен Трајаноски
„Св. Кирил и Методиј“ / Католичка црква / Охрид / Св. Бенедикт / Црква