Ќе се реконструира штипската тврдина

На почетокот на март,  се објави веста за реконструкција на „Исарот“ во Штип. Проектот ќе биде финансиран од македонската влада од средствата кои се распределуваа на локалните власти од  унгарскиот кредит.

Штипската тврдина според остатоците и истражувањата потекнува од периодот меѓу II и VI век од нашата ера во директна корелација со Астибо. Голем подем доживува за време на Самоуловото Царство, но по многуте премрежја од овој период не среќаваме преживеани остатоци. Она што денес го забележуваме е доминантно од XIV  век.

 

Реконструкција на Акрополот според Микулчиќ

 

Проектот е проценет на 1 600 000 евра, и опфаќа обнова на акрополата на средновековниот град, каде среќаваме ѕидови со височина од 4 метри, должина повеќе од 200 метри и три кули.

Начинот на  реконструкција на тврдините во Македонија, по теркот на Самоиловата во Охрид и скопската тврдина, е по таканаречениот „француски принцип“ каде обновата целосно се обидува да го повтори некогашниот изглед, што секако е едно големо прашање и една тема за која имаме многу што да зборуваме.

 

Фото: Општина Штип

 

Не постои тврдина од почетокот на нејзиното настанување па до денес која е непроменета, секој нов владетел додавал, одземал, војните ги оштетувале, со времето се запустувале, разградувале итн. Од тука идејата за реконструкциите на тврдините, доколку немаме доволно материјал на терен, за да ја претпоставиме верно нејзината последна варијанта, интервенцијата секако е дискутабилна. Дали мораме по секоја цена да ја вратиме некогашната слика, за која немаме доволно податоци е темата која наскоро ќе ја отвориме и на МАРХ.

 

Фото: Општина Штип

 

Овие простори некогаш биле културни точки, полни со живот, кои заслужуваат нивно рестартирање во современ контекст на општеството кое ќе биде мост на минатото со денешницата и ќе го одбележи нашето присуство на тој простор, како што сите претходно владетелите го чинеле истото. Тие се ресурс за културна револуција и за тоа сметаме дека е потребна државна стратегија за која наскоро ќе говориме и подетално.