Компаративни визури – Експресионистичките афинитети на Македонската опера и балет
03.07.2026 • Истражување
Истражувањето компаративни визури се повикува на споредбата на објектот на Македонската опера и балет со уметничкото дело „Морето од мраз”, исто позната како и „Руинирана надеж”, насликана во 1823-24 година од Kаспар Давид Фридрих (Caspar David Friedrich). Формата и волуменот на објектот, како и неговата местоположба на реката Вардар со скалестиот плоштад кој води до објектот, директно кореспондираат со насликата карпеста формација.
Македонската опера и балет иако не припаѓа на историскиот период на архитектонскиот експресионизам, нејзината просторна организација и формален јазик покажуваат јасни афинитети кон експресионистичката традиција. Скулптуралната обработка на волумените и динамичната геометрија асоцираат на природни формации како што се ледените пештери и глечерски структури.
За разлика од функционалистичката логика на модернизмот, заснована врз принципот „ form follows function “, каде архитектонската форма произлегува првенствено од функционалните и конструктивните барања, кај Македонската опера и балет формата добива автономна експресивна улога. Просторната композиција, драматичната геометрија и скулптуралниот третман на волумените не се сведуваат исклучиво на рационално исполнување на програмските потреби, туку се насочени кон создавање силно емоционално и симболично просторно искуство.
Споредбата на ентериерот на Македонската опера и балет со внатрешноста на глечерите открива значајни сличности во начинот на кој се доживуваат масата, светлината и движењето низ просторот. Во двата случаи просторот е обликуван преку динамични, прекршени површини кои оставаат впечаток на форма создадена од моќни природни сили. Како што ледените маси во глечерите се моделирани преку процесите на притисок, движење и ерозија, така и архитектонските рамнини во ентериерот формираат сложена волуменска композиција што асоцира на природни геолошки структури.
Поглед од влезен хол (Извор на фотографија: Архива на МАРХ)
Особено значајна е улогата на светлината како средство за обликување на просторното искуство. Во внатрешноста на глечерите светлината навлегува низ пукнатини и отвори, нагласувајќи ја пластичноста и длабочината на ледените форми. На сличен начин, во ентериерот на Македонската опера и балет природната светлина продира низ кровните отвори и се прекршува по косите површини, истакнувајќи ја нивната скулптуралност и просторна драматичност. Светлината во двата случаи не претставува само функционален елемент, туку активен создавач на атмосферата и перцепцијата на просторот.
Поглед кон галерија десно (Извор на фотографија: Valentin Jeck, Štefan Kacin, Jurij Princes, Bogdan Spindler, Marjan Uršič. Macedonian Opera and Ballet, Skopje, Macedonia (View of the foyer, 2016). 2016 | MoMA)
Контрастот помеѓу човечката големина и размерот на околните форми е исто така компарација која се согледува и во двата простори. И во природниот и во архитектонскиот простор, корисникот се соочува со доминантни маси кои ја надминуваат вообичаената човечка мера, создавајќи чувство на возвишеност. Ваквите карактеристики укажуваат дека ентериерот на Македонската опера и балет не ја имитира директно природата, туку ги апстрахира и трансформира нејзините морфолошки и атмосферски својства во архитектонски израз, што претставува една од суштинските одлики на експресионистичката архитектонска традиција.
Поглед од галерија ( Извор на фотографија: Архива на МАРХ)
Поглед од сцената кон гледалиштето (Извор на фотогорафија: Macedonia’s National Opera and Ballet is a Modernist curiosity | THE WORLD OF INTERIORS )
Соработник: Ива Поповска
Автор на статија: Sorabotnik








