Меморијален Комплекс на Паднатите Борци на Револуцијата – Штип

Локација: Меморијален Комплекс на Паднатите Борци на Револуцијата -Штип

Автори: Богдан Богдановиќ

Година: 1969-1974

Фото / 2021/ : Борис Јурмовски

Илустрација / 2021/ : Даница Спасевска

извори: порта3, spomenikdatabase.org, failedarchitecture.com

 

 

Меморијалниот комплекс на паднатите борци во Штип е реализирано победничко решение на Богдан Богдановиќ, како дел од отворен конкурсен повик во доцните 60ти од минатиот век. Преставува споменик во чест на погинатите цивили и борци во НОБ за време на Втората светска војна.

 

Богдан Богдановиќ со модели од меморијалниот комлекс во Штип

 

Се наоѓа на западниот дел од Штип, на карпестиот рид на кој е лоцирана тврдината Исарот. Овој меморијален комплекс го сочинуваат монолити со висина од приближно 2 метри, изработени од бел прилепски мермер. Меморијалниот комплекс висински се простира на две нивоа.

 

 

Поглед од Штип кон тврдина Исарот, 1930ти пред Втората Светска Војна

 

Првото ниво започнува со три монолита на кои се изрезбани ниши налик брановидна драперија. Висински одвоените нивоа се поврзуваат со церемонијални скали кои се потенцирани со вкупно 92 помали мермерни кенотафи на кои се изгравирани имињата на паднати борци при НОБ и различни геометриски симболи.

 

 

 

 

 

 

Вториот сегмент го сочинуваат 12 мермерни монолити. Секој од нив е издлабен и изгравиран со различни геометриски мотиви. Притоа како мал детал, на нивната позадина се изгравирани апликации налик на афион, цветови, сонце, симболи карактеристични за нашето поднебје.

 

концепт скица на Богдановиќ

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Врвовите на овие монолитни парчиња завршуваат со обработка многу слична на рогови, под влијание од Минојската цивилизација, како физички симбол за света земја, свето место во сакралната архитектура каде се погребани останки на загинатите во војна.

 

камени рогови – симбол за пристапување на свето место во Минојската цивилизација; 

 

 

Еден од овие мермерни блокови се издвојува, не само по начинот на изработка, туку и со изгравираните стихови на поетот Ацо Шопов.

 

“Тука е тој оган под овие улави води,

под овој бигор животот што го плоди.

 

Под овој венец со сончеви глави,

под оваа далга со карпи што се дави.

 

Со него за убост поубав е цветот,

без него за цел свет посиромав светот.

 

Крстот ни е лесен, пепелта не ни е лесна

мртвите живеат со нас и со нашата песна.”

 

 

Денешната состојба на оваа навидум некропола е помалку и заборавена. Иако локалните власти имаат посветено внимание на одржување на локалитетот, се наоѓаат на моменти очигледно остатоци и докази на нарушување на естетскиот привид на овие мермерни урни.

Станува збор за спомен-обележје на жртвата која ја дале граѓаните на Штип за сведоштво кон помладите генерации и посетители .  Има сеуште работа која не чека во подигнување на свеста за важноста и историското значење на овој и слични други споменични локалитети.

 

 

денешна состојба на локација / 2021