Можности за нови содржини во Градскиот Парк во Скопје / Рекреација на вода
Градскиот парк во Скопје, претставува најголемата парковска површина во државата. Неговата историја веќе надминува век, минувајќи низ различни периоди на развој, деградација, проширување и обновување.
Општата перцепција за паркот е дека се состои од стар и нов дел, кои физички се одвоени со Зоолошката градина, Луна Паркот и Тенискиот клуб – Југ. Стариот дел е позициониран меѓу булеварот „Илинден“ и Градскиот Стадион, каде се препознава урбаната археологија на класичното обликување, додека новиот дел е зоната долж реката Вардар, од Луна Паркот до булеварот „8ми Септември“.
Таканаречениот нов дел од паркот се карактеризира со поголеми пространства и пошироки пешачки потези. Покрај зеленилото голем дел зафаќа водениот систем на езера и канали, што го чинат единствено вака сложено пејсажно решение во државата. Во овој дел се препознаваат двете големи езера, но постојат уште најмалку четири заезерувања долж самите канали. Пешачките патеки се премостени со десетина мостови.
Со оваа објава сакаме да започнеме со серија споделени размислувања за потенцијалот за збогатување на рекреативната содржина на паркот и потенцијалот на зелените површини во градот.
Системот на канали во должина нуди ( според мерењето преку алатките на Google Earth) водени „патеки“ од околу 2600 метри, што претставува неискористен потенцијал за рекреација на вода. Преку минимални организациски напори тука се отвораат можностите за изнајмување на педалини, кајчиња и кануа со што ќе се овозможи поинакво доживување на паркот.
За реализацијата на оваа идеја потребни се корекции на одреден број од мостовите (нивно репроектирање и реизградба) кои немаат соодветна височина. Финансиски, оваа инвестиција е навистина мала, со оглед на тоа што можеме да го добиеме како краен резултат.
Економската оправданост за оваа идеја е поткрепена од фактот што педалините, кајчињата и кануата би се изнајмувале што е придонес во буџетот за одржувањето на паркот.
Прв пат оваа идеја беше презентирана во победничкото идејно решение за Луна Паркот, со тоа што беше предвидено доизградба на канал и платформа за одлагање во северозападниот агол од Луна паркот како место од каде би се изнајмувале кајчињата.
Монтажа од конкурсното решение
Кај едното езеро сеуште постои дел од опремата на кану клубот, додека кај другото езеро, спроти кафетеријата „Централ парк“ постои мала платформа. Сепак интегрирањето на целиот воден систем во општи рекреативни цели никогаш не било тема на разговор. Се надеваме оваа објава ќе ја поткрене оваа размисла во јавноста и кај градските власти.
Автор на статија: Filip Koneski
Водени канали / Градски парк / Езера / Кајчиња / Кану / Педалини / Потенцијал / Скопје