МСУ прослави 60 години од основањето

Утре на 11 февруари Музејот на современата уметност – Скопје бележи 60 години од основањето. Со цел одбележување на овој настан и како најава за програмските активности во јубилејната 2024 година, Музејот денес организира дневен настан – матине  со почеток од 12 часот.

 

 

На овој значаен јубилеен ден, ексклузивно по 35 години, беше изложено уметничкото дело „Доблест во нужност“ на познатиот италијански уметник Џанфранко Барукело (1924 –2023). По катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, уметниците од целиот свет во знак на солидарност започнуваат да подаруваат свои уметнички творби од кои се создава уникатната колекција на Музејот. Делото на Барукело, кое е едно од најрепрезентативните донации на МСУ, е конзервирано од стручниот тим на МСУ-Скопје и претставено пред јавноста овозможувајќи нови согледби и толкувања.

 

 

На јубилејниот настан беше претставен и најновиот број на списанието за современа уметност, култура и теорија „Големото стакло“ бр.35/36 (2023), насочено кон актуелните дебати во критичката музеологија и во кое се вклучени значајни оригинални прилози, кои се однесуваат на релациите помеѓу критичките музеи, претставувањето на културните различности,
практиките на деколонизација, како и музеолошки концепти кои ги адресираат и вон-човечките простори.

 

 

По формалното обраќање, програмскиот дел за настанот вклучи стручно водење низ тековните поставки со  кустос-водич Бојана Јанева и симболичен коктел придружен со диџеј сет на Игор Спироски, во неформална атмосфера.

 

 

Фотографии: Facebook профил на Министерката за Култура, Бисера Костадиновска Стојчева

Извор: МСУ

 

Музеј на современа уметност- Скопје / „Варшавските тигри” 1966