Најава за изложба – „СКОПСКИТЕ ВЕРТИКАЛИ “
05.05.2018 • Информации
Ни претставува задоволство да Ве поканиме на отворањето на изложбата:
СКОПСКИТЕ ВЕРТИКАЛИ
понеделник, 7 мај, 20 часот | Музеј на град Скопје
Покрај професионалната љубопитност, основен мотив кој стои во позадина на истражувачкиот проект „Скопските вертикали“ е токму тој, да придонесе за повторната видливост на еден од заборавените и тематски најмалку истражуваните архитектонски слоеви на Скопје – градбите кои се развиваат во височина. Во основа на истражувањето (проследено со оваа публикација и изложба) е исто така желбата за подетално проучување на скопските висококатници, кули…, производ на еден од доминантните модели на урбанизација и развој на европските градови во втората половина на 20-от век.
Студијата е насочена кон документирање и истражување на 50 висококатници кои припаѓаат на периодот од 1950 год. сè до доцните 80-ти години од минатиот век, кој истовремено е и најдинамичен период од историјата на развојот на Скопје. Потпирајќи се на доволната историска дистанца која дозволува објективно согледување на заемното влијание на општествено-политичките процеси, глобалните архитектонски движења, технолошкиот напредок… врз развојот на урбаната форма, целта на трудот е подетално проучување на архитектурата на вертикалниот град, условите во кои таа настанала, главните одлики кои ја одредуваат, квалитетите и вредностите кои ги поседува.
Јован Ивановски | Ана Ивановска Дескова | Владимир Десков
Автор на статија: Filip Koneski
Вертикали / Висококатници / Изложба / Истражување / Музеј на Град Скопје / Скопје