Општинското Собрание во Струмица / 1926-1931

Објектот на Општинското собрание во Струмица е извонреден примерок на културното наследство во градот и претставува еден од најрепрезентативните архитектонски примери од периодот меѓу двете светски војни. Благодарение на својата локација и архитектура, зазема доминантно место во рамките на амбиенталната градска целина, во централното градско јадро, наспроти зградата на хотелот „Српски краљ“.

Општинското собрание било изградено во периодот од 1926 до 1931 година, по проект на архитектите браќата Секура од Љубљана, и првично функционирало како Градски народен собор, односно Општински дом. Во стилска смисла, зградата претставува комплексна архитектонска структура со интерполации на различни стилски елементи – од неокласика до западноевропски декоративни влијанија. Особено впечатливи се флоралните декорации на венците, над и под прозорците, како и богатата фасадна пластика (Зорица Чеботарева)

Лоцирана на аголот на улиците Сандо Масев и Благој Мучето, архитектонската поставеност на зградата произлегува од самата локација и теренските услови. Поставена е на високо приземје и два ката, со едно подземно ниво. Со своите две фронтални фасади излегува на главните вкрстени улици и доминира со својата архитектонска композиција, при што аголот завршува со полукружен тимпанон – доминантен елемент во обликувањето.

Главниот влез е вовлечен и ја зазема фокалната точка. Архитектите умешно го искористиле неправилниот терен и висинската разлика на улиците, при што влезот е пристапен преку лачни скали, вткаени во аголното обликување. Влезот е потенциран со отворени лакови поставени над кружни столбови. Долж двете фронтални фасади се поставени стопански простории (дуќани), прилагодени на висинската разлика на улиците. Поради тоа, постои динамична игра во висината на таваните, каде што крајните простории имаат минимална висина. Со ова решение, објектот е хармонично вклопен со теренските услови.

Организацијата на просторот е едноставна и функционално решена. Главното скалишно јадро е сместено во аголот на објектот. На приземјето се сместени јавните служби на Град Струмица, додека на катовите се административни канцеларии и седиштето на градоначалникот. Канцелариите се ориентирани кон двете главни фасади, додека циркулацијата се одвива кон задната фасада. Возниот парк на градот е поставен во дворот на објектот, со пристап преку странична капија.

Фасадата има богата профилација. Главниот обликовен елемент е полукружниот тимпанон, обложен со керамички плочки во две бои. Истите плочки можат да се сретнат низ целиот објект, поставени во шаховска шема. Целото високо приземје е обработено во сив малтер и претставува една целина, додека административниот дел на катовите е посебна композиција. Прозорските отвори на катовите се врамени во фасадна пластика со готски лак, што е необично и специфично за овој регион – јасно сведоштво за влијанието од словенечките архитекти.

Групациите на прозорци се оформени како бифори – на првиот кат се правоаголни, додека на вториот се лачни, што придонесува за визуелната игра на фасадата. Меѓу прозорците се поставени и флорални декоративни елементи. Прозорските окна се изработени од дрво. Венецот на објектот е богато профилиран и претставува завршна фасадна пластика. Фасадата е обоена со жолта и нежно портокалова боја, при што боите на керамичките плочки се хармонизирани со фасадното решение.

Фасаден цртеж – Зорица Чеботарева д.и.а.

 

Објектот се наоѓа во добра состојба. Последниот конзерваторски зафат бил изведен пред околу дваесет години. Најголемата загуба на автентичноста се забележува кај дуќаните на приземјето, каде што е заменета оригиналната столарија и дрвените решетки со различни, неадекватни прозорци.

Проект за Ревитализација и доградба на Градското собрание на град Струмица на следниов линк. https://marh.mk/revitalizacija-i-dogradba-na-gradsko-sobranie-strumica-chebotareva

План на приземје – Зорица Чеботарева д.и.а.