Петиција за проширување на опфатот на интервенција на паркот во населба 11 Октомври-бараки

Група на граѓани, жители на населбата 11 Октомври – бараки, ја иницираат оваа петиција со цел да укажат на властите дека сегментарно се третира запуштената полјанка, воедно барајќи истата целосно да биде вклучена во проектот за дефинирање на новиот парк.

Поради ситуацијата со Ковид – 19, петицијата ќе собира потписи online,  како би се почитувале мерките за заштита.

Се повикуваат сите жители на населбата, општината но и сите поддржувачи на идејата за зелено Скопје да ја подржат оваа иницијатива.

Истата можете да ја потпишете на следниов линк >>> , додека текстуалното образложение го пренесуваме во продолжение:

„Во тек е реализацијата на паркот во 11 Октомври-бараки, на дел од просторот на таканаречената полјанка.

Населбата со реализацијата на измените во урбанистичкиот план со кој се пренамени парковска површина во градежно земјиште за изградба  на станбени висококатници ( чија изградба е во тек ), нема друга алтернатива за рекреација, освен полјанката покрај пругата. Впрочем овој простор е единствена возможна површина во пошироки рамки за дефинирање на спортско-рекреативна целина.

 

Новата населба во делот на „Пелагонија“

 

Со предвидената нова станбена населба (која исто е во тек на изградба) на просторот на поранешното градежно претпријатие Пелагонија, бројот на жители многукратно ќе се зголеми во непосредната близина, со што и потребата од парковска површина, зеленило, спорт и рекреација ќе биде  нагласена. 

 

Интервенција на 40% од локацијата

 

Земјиштето е во државна сопственост / Агенција за катастар на недвижности

 

Затоа почнатите активности на само еден дел  од полјанката ( 40%) како граѓани на оваа населба сметаме дека треба да се прошират на целата територија, опфаќајќи реконструкција и на спортските игралишта кои се во одмината состојба.

 

Фотографии од првата фаза на зазеленување во еден дел од полјанката

 

Воедно сметаме дека оваа интервенција треба да ги опфати и следните точки:

-Санација на улиците и пристапите кон паркот од страната на населбата, кои се уништени од механизацијата која учествува во реализацијата;

-Урбанистички да се дооформи просторот како целина, наместо парцијално;

-Да се предвиди урбана опрема, особено канти за одложување на измет на миленици, бидејќи жителите на пошироката околина ги рекреираат своите кучиња во овој дел од населбата, додека детските игралишта остануваат небезбедни за игра по здравјето на децата;

– Да се предвиди план за оддржување на паркот од страна на екипа на Паркови и зеленило, како истиот би останал во употреблива состојба.

 

Панорама на интервенцијата наспроти запуштениот дел од полјанката

 

Граѓаните на населбата го поздравуваат ова делување од страна на Градот Скопје и Општината Кисела Вода, бидејќи оваа иницијатива за уредување на овој простор е стара повеќе децении, но инсистираат истото да го опфати целиот потег на полјанката како би се одговорило вистински на потребите на жителите.

 

Запуштениот дел од полјанката со игралиштата

 

Истовремено граѓаните на населбата се свесни, дека ова парковско решение е од привремен карактер, бидејќи со реализацијата на  Јужниот Булевар, т.е Булевар „Македонија“ во иднина истото ќе исчезне.

 

„Јужен булевар“ на местото на полјанката

 

Затоа апелираме меѓудругото, градот и општината, сериозно да пристапи кон редефинирање на урбанистичкиот план за Расадник, каде по сите урбанистички анализи за Скопје, има потреба од изградба на голем градски парк, а со тоа вистински да менаџира со просторот во корист на јавното добро ““

 

План за Расадникот 2019

 

Собраните потписи во печатена форма ќе бидат испратени во облик на барање до Општина Кисела Вода  и Град Скопје