Почина архитект Миодраг Митровиќ 1948-2024
22.05.2024 • Автори Информации
Почина архитект Миодраг Митровиќ.
Митровиќ е роден 1948 година во Вршац, Србија. Матурирал во гимназијата „Орце Николов“ во Скопје, дипломирал на Архитектонскиот факултет во Скопје под менторство на професор Борис Чипан во 1973 година.
Во 1974 година се вработува во ГП „Пелагонија“, каде две години работи во оператива на изведба на објекти. Две години подоцна преминува во големото проктанско биро раководено од Јордан Богатинов на компанијата „Пелагонијапроект“, каде ја започнува својата проектантска кариера и соработува со искусни проектанти, архитекти и работи на конкурси и на проектот за фабриката Фени во Кавадарци.
Во 1980 година преминува во „Мавровопроект“ каде се дооформува проектантски тим кој наредните 15 години работи на многубројни проекти во Македонија, Русија и Либија, меѓу кои се Станбен комплекс во населба Ново Лисиче, Скопје со Донка Петкова Костиќ и Здравко Рафајловски, Еуротел, Струга со Радован Раѓеновиќ и Ранчо Христов, Комплекс „Запољарје“ ; Сочи, Русија со Радован Раѓеновиќ , Донка Петкова Костиќ, Лилјана Дубровска, Зоран Ивановски, станбени кули “Три Бисери“, населба Аеродром, Скопје и многу други.
Еуротел / Струга >>>
Станбени кули “Три Бисери“ / Скопје
Во 1995 година основа сопствено биро „Метрика“ каде работи со својата сопруга и деца и соработува и со други архитекти. Изработува проекти за повеќе индивидуални куќи, работи на конкурси, изработува архитектонско – урбанистичко решение за станбено деловен комплекс Стар Аеродром, Скопје, станбен објект во Ѓорче Петров, Скопје, реконструкција на фабриката „Чик“, Куманово, ентериери, како оној на ресторанот „Џино“, ГТЦ, Скопје. Во 2013 година ја проектира Клиничката болница во Штип, објект кој во моментов е во изградба.
Архитект Миодраг Митровиќ во 2019та година беше добитник на наградата за животно дело „Андреја Дамјанов“, која традиционално ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија.
Автор на статија: Filip Koneski