Промоција на монографијата „ARtCHITECTURE“ на архитект Ѓоко Радовановиќ

Фотографии: Дарко Матоски - Пенка, Мартина Штериова

 

На 15 октомври во Културно информативниот центар во Скопје се одржа промоцијата на монографијата за животот и делото на архитект Ѓоко Радовановиќ, насловена како „ARtCHITECTURE“.

Како што и самиот наслов поентира, монографијата во себе ги содржи сите негови дела низ годините, вклучувајќи ги и оние во областа на уметноста. Како автори на оваа монографија се јавуваат Мишко Ралев и Владимир Величковски.

На промоцијата се обратија и авторите кои ги споделија нивните искуства и соработки со архитект Радовановиќ. Го опишаа како  еден од позначајните творци на македонската архитектонска сцена од нејзиното осамостојување се до денес. Како човек со порив кон ликовно-архитектонска револуција.

Архитект Радовановиќ како студент и млад архитект е под влијание на проф. Живко Поповски, проф. Георги Константиновски, архитект Радомир Лаловиќ, а со проф. Александар Никољски и директно соработува. Додека во неговите уметничко-ликовни потфати пример му е сликарот Петар Мазев, тогаш професор на архитектонскиот факултет, време во кое се уште не постоеше Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Дипломскиот труд го работи под менторство на проф. Живко Поповски на тема „ЕКСПО-79, Абу Даби.

Архитект Ѓоко Радовановиќ е автор на многубројни архитектонски дела во нашава земја и пошироко, ентериери, уметнички дела итн. Добитник е на многубројни награди и признанија, меѓу кои и на престижната награда за животно дело „Андреја Дамјанов“ за 2020 година.

 

Монографијата е достапна во книжарниците на издавачки центар „ТРИ“.

 

 

Во денешната објава низ фотогалерија ви пренесуваме дел од атмосферата на овој настан >>>