ОУ ”Кирил и Методиј” Кочани / Лаловиќ
30.08.2018 • Истражување ХХ век / II половина

Година: 1970
Архитект: Радомир Лаловиќ
Материјалот го приложи: Мариjа Петрова / Христина Стојилова
Локација: Кочани
Како и останатите градови во Македонија, Кочани доживува рапидна урбанизација и развој по завршувањето на Втората светска војна. Деталниот урбанистички план од 1948-та година, план изработен од Лудјек Кубеш и Републичкиот завод за урбанизам на СРМ го редефинира ширењето на градот јужно по течението на Кочанска река воспоставен веќе во планот од 1927-та година.
Основното училиште Кирил и Методиј, подигнато во 1970та година од архитектот Радомир Лаловиќ преставува еден од врвните објекти подигнати во цутот на македонскиот модернизам. Лоцирано во центарот на градот Кочани и објектот е реализиран во склоп на веќе постоечката Гимназијата СОУ ,,Љупчо Сантов” проектирана во 1953та од страна на Валдемар Балеј.

Радомир Лаловиќ дипломиран на архитектонско – градежниот факултет во Скопје, претходно учествува во проектот на основното училиште “Песталоци” каде работи и во студиото на Алфред Рот во Цирих. Методите и влијанијата стекнати при работата на Песталоци директно ги применува во пристапот на решението на објектот и во пристапот на чуствително оформување на целина со веќе постоечкиот објект на Валдемар Балеј. Живко Поповски го споменува Лаловиќ како архитект со рафиниран технолошки начин на размислување и убедлив архитектонски јазик.

Обликувањето на објектот е оформено павиљонски, со така наречени гроздови со интегрирани празници – пација, кои се поврзани со линиски коридори. Централното место во комплексот и го зазима алулата со нејзината мултифункционална намена и циркулација. Како расчленети функции но со исто формално обликување се јавуваат училниците за 7-10 години, училниците за 11-14 години, техничките училници над аулата на кат и спортската сала.

Принципите и идеите на Рот се присутни низ целокупниот дизајн на школото. Големата аула, широките правоаголни училници, двострано природно осветлување на училниците и ходниците како и природното проветрување на објектот се само од неколку од нив. Фунцијата на објектот директно ја прати формата и поставеноста на објектот.
Конструкцијата и фасадната обработка е од изложен (натур) армиран бетон, со керамидна кровна покривка која му дава посмирена однос и пристап со околината. Оргиналната зелената дрвена браварија, нажалост денеска е заменета со бели ПВЦ прозори.
Основното училиште “Кирил и Методиј” припаѓа во исклучителните достигнувања на младата македонска модерна архитектура. Овој објект само ќе го навести патот на исклучителната кариера на архитектот Радомир Лаловиќ.



Автор на статија: Мартин Ефремовски