Радничка школа, Охрид / 1929

Година: 1929

Локација: стар дел на Охрид, во близина на Црква Св. Никола Чудотворец

Извор: www.muzejohrid.mk,  Студија за интегрирана заштита на Старото градско јадро (предлог план). Дел 1 Петровска, Целески, Поп-Костова, Патчев (2016)

Насловна фотографија: www.muzejohrid.mk

Речиси на секоја фотографија од стариот дел на Охрид, вниманието го привлекува еден објект кој визуелно отстапува од неговото непосредно опкружување. Радничка школа претставува редок пример на академизам во урбаниот контекст на Охрид и, со својот масивен габарит и орнаментиран стил, доминира во силуетата на Варош.

 

 

Радничка школа во денепниот контекст / Извор: www.ohrid.de

 

 

Првично е основана самата школа која била наменета за едукација на девојки од посиромашните слоеви на општеството. Наставата се состоела од општо образование и практични предмети како шиење, кроење, везење, готвење и слично. Во 1929 година, по донација на парични средства од охриѓани, училиштето добива и нова зграда, наменета за околу 100 ученици годишно. Објектот е изграден во стилот на академизмот, а за неговата изградба се знае дека раководел инж. Димитар Симонче, иако нема потврда дали бил и проектант на зградата.

Со својата позиција, школата доминира врз топографијата на локацијата и отвора панорамски погледи кон Охридскиот Залив, истовремено останувајќи лесно видлива од повеќе точки во градот.

 

 

Историска фотографија / извор: www.muzejohrid.mk

 

 

Архитектонски, зградата е изведена во стилот на академизмот, со неокласични и барокни елементи. Јужната фасада се издвојува со симетрично поставени високи прозорци и еркерен испуст кој оформува балкон. На страничните делови од катот се оформени симетрични испусти со прекршени тимпанони и лаци – елементи што потсетуваат на барокот и упатуваат на стилската слоевитост на академизмот. Околу прозорците се среќаваат пиластри, а под тимпаноните – столбови. Карактеристична е и оградата на балконот, изведена со керамички профили со заоблени форми. Над завршниот венец е поставен декоративен елемент со волути, во кој е сместено ѕвоното.

 

 

Јужна фасада / автор: МАРХ

 

 

Останатите фасади се попросто третирани, но ја следат истата стилска логика, со рустика, балкони и помали триаголни тимпанони. Внатрешноста на зградата се карактеризира со високи тавани и централно поставено скалиште. Планскиот распоред повеќе наликува на станбена палата отколку на училиште – што одговара на предмодернистичките трендови во образовната архитектура.

 

 

Странични фасади  / автор: МАРХ

 

 

По 1959 година, зградата поминала низ повеќе адаптации: служела како дел од основното училиште „Св. Климент Охридски“, потоа како средно економско училиште, а подоцна и како ученички интернат. Напуштена е во 1966 година, по што останала руинирана сѐ до 1973 година, кога станува седиште на Заводот за заштита на спомениците на културата и Народниот музеј – Охрид.

Со решение од 1987 година, Радничка школа е ставена под заштита како културно наследство од почетокот на XX век.

 

 

Западна фасада / автор: МАРХ