Продолжува реконструкцијата на студентскиот дом „Гоце Делчев“

Деновиве студентскиот дом „Гоце Делчев“ ги обзнани следните планови за реконструкција и доопремување. Во истата се опфатени блоковите В и Г ( се случува тековно ) како и обновата на партерот и хортикултурното уредување.

„Проектот со изработка на мебел во брачните, двокреветни и апсолвентски соби, и за влезниот хол во Студентскиот дом „Гоце Делчев“, блок В и Г е изработен според барање и насоки од страна на Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија. Комплетното уредување се однесува на 2 влезни хола, 16 брачни соби, 256 двокреветни и 64 апсолвентски.

Според спецификациите, креветите се од железна конструкција со предвидени душеци со систем од Херкул жичани јадра, за распоредување на притисокот врз секоја пружина и подобрени ортопедски услови за спиење. За секој кревет предвидена е водоотпорна заштитна навлака за душек, изработена од природни материјали.

Работните маси се дизајнирани и димензионирани според максималниот простор за нивно позиционирање и пропишаните стандарди. Конструкцијата е од О челични рамови и истите се со можност за заклучување на фиоките.

Работниот стол ги задоволува функционалните и естетски барања. Истиот обезбедува трајност и лесно одржување.

Гардеробите се со прилагодена димензија и во сите соби дизајнирана да овозможи непречена функција на просторот. Во двокреветните соби, на барање, предвидено е заклучување на гардероберите.

Елементите за одложување на облека, предмети, постелнина и книги се проектирани елементи со различна форма и димензии, прилагодени на расположливиот простор, за одложување на облека, постелнина, предмети и книги, дизајнирани да ги задоволат потреби на секој поединечен корисник на собите.

Флексибилниот стол е со две положби за удобно седење, одмор и релаксација, изработен од трајни, квалитетни и лесно одржливи материјали. Столовите анатомски се обликуваат под телото.

Влезните холови во блоковите се организирани како модерни, динамични катчиња за социјализација на студентите и средби со посетители. За таа цел избрани се декоративни и лесни столови за удобно седење, флексибилни и мултифункционални, изработени од трајни, квалитетни и лесно одржливи материјали. Столовите се формираат според избраната положба за седење, анатомски се обликуваат под телото, погодни се за сите возрасни групи. Масите се дизајнирани со прилагодена форма и височина за различен избор на седење, од лесна, метална конструкција и плоча од оплеменета иверка. Овозможено е брзо и едноставно креирање на катчиња, при групирања според определби на корисниците на просторот.

Проектираниот мебел е дизајниран според затекнатата реконструирана и адаптирана состојба на собите, задржан е иницијалниот функционален концепт, и обезбедени се основните услови за потребите на корисниците на собите. Секоја соба вклучува кревет, работна маса, работен стол, гардеробер, елементи за одложување на облека, предмети, постелнина и книги како и флексибилен стол.“

„Во соработка со Министерството за образование и наука наскоро ќе се работи на обновување на искршените бекатон плочки и застарените пешачки патеки, пробивање на нова пешачка патека како и поставување на нова урбана опрема и ново зеленило.

Студентскиот дом „Гоце Делчев“ е составен од четири блока – згради, наменети за престој и уште еден објект – менза, наменета за исхрана на станарите. Партерот на студентскиот дом од три страни излегува на сообраќајници, додека пешачки пристап до блоковите има од сите четири страни на комплексот. Поради недоволната контрола и користењето на патеките како паркинг простор истите се доста оштетени, дел искршени, а некаде и недостигаат камени коцки по патеките.

Новопроектната документација не предвидува големи измени во однос на организација на просторот, но пешачкиот пристап до блоковите ќе биде регулиран со поставување на рампи за контролиран влез на возила на источниот и западниот пристап во комплексот, а на северната и јужната патека ќе бидат поставени заштитни столбчиња. При тоа се овозможува пристап од споредните сообраќајници околу комплесот, во случај на потреба од специјално возило. Рампите ќе се контролираат механички.

Постоечките дотраени бетонски патеки ќе се реконструираат со павер елементи. А предвидена е и нова пешачка патека на западната страна од Блок Б, со која се олеснува пристапот од блоковите до булеварот, а со тоа и автобуската конекција за студентите.

Централното зеленило меѓу блоковите има комплетно ново решение, со нови патеки од чакал и урбана опрема. Урбана опрема е поставена по целиот комплекс соодветно, а комплетно се опремени патеките за одмор и рекреација на јужната страна. До секој од споредните влезови од блоковите е овозможен пристап до рампите за инвалидизирани лица, а пред секој до главните влезови има поставени метални држачи за велосипеди, соодветно према потребата.

На влезот на постоечкото интернет кафе и на бочниот влез во Блок А ќе се руши постоечката бетонска патека и ќе се изведе нова од павер елементи. Жичаната плетена ограда на двете страни од игралиштето ќе биде заменета, а конструкцијата соодветно ќе биде заштитена од атмосферски влијанија. На партерните површини ќе има ниско и високо зеленило.

Од урбана опрема во дворот на Студентскиот дом „Гоце Делчев“ ќе има 38 клупи, 9 корпи за ѓубре, 8 паркиралишта за 5 велосипеди. Додека останатиот дел од партерното уредување се состои од високо и ниско зеленило, нови инсталации за водовод, канализација, електрична и термотехничка инсталација.

Oсновна функција на домот е колективно домување, обезбедување на привремено живеалиште за студенти, апсолвенти и постдипломци. Токму затоа нашите заложби се во таа насока, да обезбедиме комфорна и пријателска средина како во делот на сместување, така и во дворното место.“

текстот е превземен во оригиналната форма од изворот >> >>