Град Скопје го презентира проектот за реконструкција на Универзалната Сала

Извори: Официјалниот вебсајт на Град Скопје
Официјалната Facebook страна на Град Скопје

 

Со издвоени 120 милиони денари од централниот буџет ќе биде финансирана реконструкцијата на Универзалната сала, со зачувување на истиот габарит и автентичен изглед – денес изјави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов. Според првичните најави, реконструкцијата треба да отпочне во мај оваа година.

 

 

Проектот за изведба на реконструкцијата го потпишува проектантското биро „Мегарон инженеринг“, кој овој проект го изработува како донација на Градот.

Архитектот Бујар Муча од Мегарон инженеринг  на јавната презентација објасни дека проектот го поделиле на две фази – едната фаза е изработка на фасадата и на куполата, а во втората фаза ќе предл ожат решение за функционалноста на објектот, односно реконструкцијата и реорганизацијата на внатрешниот простор.

„Се задржува постоечката форма, се прави внатрешна реорганизација на просторот. Се поставуваат нови материјали во фасадата, поради енергетската ефикасност. Со мали корекции во постоечката конструкција ќе се зголеми и противпожарната заштита. Целата конструкција надолу е челик, тој е дотраен, ќе направиме некои корекции и во конструкцијата, не нарушувајќи го обликот на објектот, но мора да се внимава и на противпожарна заштита“ изјави архитектот Бујар Муча.

 

 

„Го отвораме најранливото прашање, а тоа немањето фоаје, ги префрламе санитариите, ги правиме редовите покомотни, ги зачувуваме гремиорните и правиме реорганизација на просториите за вработените. Го задржуваме и објектот во рамки на постојниот габарит. Духот на Универзална сала е сочуван, промените се од аспект на промена на материјали, промена на некои проблематични делови, како на пример, зголемување на стреата напред кога се чека за влез и слично“

 

 

Со реконструкцијата на Универзалната сала ќе се намали капацитетот на седиштата, кои како што рече Муча, отсекогаш биле проблем.

Градоначалникот Шилегов рече дека според првичните планови капацитетот на реконструираната Универзална сала би бил од 1 100 до 1 200 седишта.

На прашањето за тоа како би се решила потребата од паркинг за возилата, Шилегов ја посочи катната гаража зад Универзалната сала, но рече дека самата локација и најавените инвестиции во јавниот превоз ќе го олеснат пристапот до оваа институција.

„Катната гаража ќе задоволува дел од потребите, очекувам дека кога ќе почне и новиот современ јавен превоз многумина од скопјани ќе го користат тој начин за доаѓање до оваа културна институција. За мене приоритетно беше бидејќи го слушнав повикот на граѓаните да остане универзална со тој габарит и облик, мислам дека помалку ќе биде проблематично доаѓањето на граѓаните, бидејќи постојат повеќе алтернативни начини како да се дојде до овој објект и самата локацијата е блиску до која било друга локација во центарот на градот“ изјави Шилегов.

Во прилог неколку технички цртежи на постоечката и новопроектираната состојба кои можат да се видат на презентацијата: