Соколски дом во Куманово / Коруновиќ

Автор: Момир Коруновиќ

Година: 1931

Локација: ул. Народна Револуција, Куманово

Извори: kumanovonews.mk; Момир Коруновиќ на Википедија; Момир Коруновиќ на ФБ; 90години Соколана; kumanovskimuabeti.mk; graditeli.mk;

Соколскиот дом во Куманово е еден од низата на спортски објекти – соколани, што се проектирани од значајниот српски архитект Момир Коруновиќ. Објектот содржи затворена спортска сала, најголема во градот од овој тип во време на изведбата, сала за вежбање во зимските периоди, тераса, канцеларии како и попратни содржини. Објектот е изграден во српскиот-византиски стил, правец кој е карактеристичен за творештвото на Коруновиќ.


 

Домот е изграден како седиште на соколскиот клуб во Куманово, кој првично е оформен во 1909 г. По голем прекин во активноста на клубот, истиот е одново воспоставен во 1922 г, од каде почнува потребата од објект кој ќе ги вдоми активностите. Изградбата на соколскиот дом во Куманово, како што било вообичаено во тоа време, започнала со свечено полагање на камен – темелникот на Видовден, 28. 6. 1923 година. Финансиите потребни за објектот биле донирани од локалното население, познати фирми, институции и богати поединци во Југославија. Собраните средства се користени за купување на потребен градежен материјал а во изградбата учествувале и војниците на 22. пешадиски полк во Куманово.

 

Со повремени прекини, првенствено поради недостиг на финансиски средства, градбата на соколскиот дом во Куманово продолжила и во наредните години каде голем напор е вложен во прибирање на финасиски средства од сите можни извори, а пред се од државните институции во Скопје и Белград. Во 1925 година Соколскиот дом  бил покриен, но изградбата повторно застанала. Во 1926 година следи упад од непознати лица и уништување на дел од опремата на Домот, а во меѓувреме поради незавршените работи кровната конструкција попуштила и објектот почнал да се унуштува. Поради ова општинскиот инжинер, рускиот архитект Владимир Антонов проектира нова кровна конструкција која заедно со внатешниот ентериер била завршена во 1928 година. Во следните години следи доработка на објектот и истиот е осветен во 1931 година.

 

Во продолжение, фотогалерија од различни извори: