Што (не) научивме?! / Од трибината: Како до слободен градски простор после “Скопје 2014“?

Скопје 2014 … тема за која што знаеме секогаш да зборуваме затоа што многу нè провоцира. Она што нас нè интересира е како понатаму, како да се одржи нивото на акција, како еден граѓанин да се разбуди, како градот да продолжи да живее понатаму низ таа борба, заедно со сите тековни работи кои што се случуваат во нашето општество? Ова е само мал дел од прашањата кои беа поставени на трибината која се одржа на 18 мај во Музеј на современа уметност во рамките на завршницата на проектот и изложбата „Ослободување-на-просторот“ која сите кои што не сте ја погледнале имате можност тоа да го направите токму до денес. Според мене еден од поважните настани кои што се случија последниов период на тема „архитектура“, кој го отвори прашањето на долгорочен план кое влијае на животот на граѓаните, притоа овозможи партиципативно учество за граѓаните да изнесат свој став бидејќи трибината беше од отворен карактер. Панелисти беа: Влатко Коробар, Мери Батакоја, Небојша Вилиќ, Никола Гелевски, Филип Јовановски, Дејан Ивановски, Марија Мано Велевска, Слободан Велевски, Зоран Петровски. Во рамките на настанот беше промовиран и каталог за проектот претставен на Биенале во Венеција.

© МСУ

Сите знаеме дека јавниот простор треба да биде колективно право загарантирано за сите граѓани, да биде во прилог на општото добро за сите и да содржи историски моменти на постојаност и меморија во себе. Јавниот простор манифестира културолошки процеси во себе, за жал моментално Скопје во себе ги манифестира културолошките процеси како себичност, дивеење на бизнис и партиски интереси создавајќи едно нездраво и небезбедно живеење.

Архитектите ја имаат клучната позиција во “преговорите“ помеѓу архитектурата и граѓаните, нивните вистински потреби, нивните интереси и вистински одлуки, но сведоци сме дека не сите имаат можност за вистинска перцепција на културолошките процеси низ кои што поминува едно општество и дека тоа директно се манифестира врз архитектурата, природата, културата итн.

© МСУ

Дали Скопје 2014 влијаеше на промената на поимањето што претставува јавен простор? Единствената позитивна работа од тоа е дека успеа да ја сензибилизира јавноста за значењето на јавниот градски простор, до тогаш таков сензибилитет не постоеше, до тогаш за јавниот градски простор се претпоставуваше дека е работа само на архитектите. После Скопје 2014 ситуацијата е драстично променета, прашањето за јавен градски простор е прашање кое го засега секого. Свесноста за неговото значење, просторот во кој што се движиме, во кој што живееме е нешто што е отворено прашање за сите не само за нас архитектите и тоа треба да биде така. Добро е постојано да се зборува за јавниот простор и како истиот се транформира.

Главната промена што овој проект ја донесе е застрашувањето на веќе уплашеното македонско општество. Присутна е омлитавена перцепција на граѓаните бидејќи живеат 30 години во иста средина, во вечна транзиција. Го изгубивме знаењето и полошо е што немаме намера да го обновиме, така е невозможно да се гради заедница која ќе има однос кон архитектурата, кон градот, кон јавниот простор и кој ќе гради критички однос кон модернизмот. Ако просторот во моментов претставува АГОН, во консензуална смисла треба да биде АНТИАГОН. Единствениот физички јавен простор кој остана е коловозот, уште тоа не е узурпирано. Дури и велосипедските патеки се узурпирани.

© МСУ

Скопје 2014 не е архитектура, не е урбанизам, не е историја, не е историја на уметност… тоа е само градежен зафат на кој што основата е сериозно насилство. Дали ако се сруши Скопје 2014 нема да постапиме исто како што и тие постапија – насилно. Дали со нов наратив на нежно делување ќе се одговори соодветно, дали имаме финансиски можности, дали имаме општествени можности и капитални? Дискусиите понатаму ќе се одвиваат, но најважно е да пробуваме да го вратиме доменот на јавниот простор во доменот на архитектурата и во доменот на граѓаните, затоа што се уште припаѓа во некои домени кои што на нас како архитекти ни се страни. Значајно е да се затвори вентилот кој што ги произведува овие ситуации, можеме да се собираме да говориме за тоа, но повторно ќе ни се случи истото затоа што ние ги немаме лоцирано точните виновници.

„Oва е иницијална фаза каде што треба да се промени односот на граѓаните кон градот, начинот на поимање на градот, начинот на поимање на урбанистичкото планирање, како тоа се одвива, коj сè има право да учествува во него итн. Чекорите ќе бидaт мали на почеток, но резултатот на крај ќе биде поинаков од она што го имаме сега. Има разни форми на дискусија, разни форми на учество на граѓани. На тоа прашање за учеството на граѓани во целиот тој процес треба постојано да се инсиситра и од него не треба да се отстапува без оглед на тешкотијата тоа да се постигне.

© МСУ

Јавен простор е оној простор во кој што може да се влезе без рестрикции, без оглед на тоа кој е сопственик на тој простор и без оглед на тоа кој го менаџира тој простор. Кај нас постои погрешно разбирање за објектите и просторите како дел од локацијата кои што се приватна инвестиција меѓутоа имаат јавен карактер. Ние имаме погрешна претстава дека затоа што е тоа приватна инвестиција таму правата на граѓаните се намалени. Ако тој објект има карактер на јавен простор тогаш тој мора иако е приватен да одговара на одредени стандарди на функционирање на јавен простор.“ – Влатко Коробар

Клучно е да се расчисти која би била визијата и главната стратегија во кој правец треба овој град да се движи и тогаш се наметнува патеката во која што треба да се оди. Знаеме дека проблемот не се решава парцијално со неколку објекти.

„Најголемото потфрлање на архитектонската фела е дека дискусијата се сведе на некакви формални аспекти, стилски аспекти на проектот, нешто што уште повеќе ја замати перцепцијата на сите нас и тоа не доведе до никакви резултати. Време да направиме некаква приоритетна листа на размислувања за градот како една листа на можни визии и тука  ќе мора да се постапи радикално затоа што дел од објектите ги тангира природните пејсажи на градот кои што стануваат животно загрижувачки во некој поглед. Состојбата на реката Вардар, терасите на Водно, зградите што овозможуваат лоши услови за живеење на начинот на кој што се поставени и ред други нешта позади кои што мора радикално да застанеме ако се бориме за здрав и подобар живот. Природата и културата треба да одат заедно, не може културата да биде втора по приоритет затоа тоа што Скопје 2014 најмногу нè погоди во историската и мемориската кичма на градот.

© МСУ

Одземено ни е дел од она што претставуваше педагошки репер за она што претставува добра архитектура во наш контекст. Скопје 2014 насилно ги одзема од нашиот град и тука треба да бидеме радикални во смисла на третманот на тие згради и простори заедно кои што се изгубени поради тоа што на сите нас ни е повредено основното чувство на припадност на овој град кое што се добива токму во комуникација со тој градски пејсаж. Губејќи ги овие мемориски пластови на некој начин ние губиме од тоа чувство за припадност и тоа нè прави пасивни граѓани, ни ја убива желбата да се бориме понатаму за нешто што било наше.“ – Мери Батакоја

Она што е важно да се потенцира е дека секој зафат што ќе биде планиран да тргне со претпоставката дека треба да додава дополнителна вредност на она што веќе постои.

© МСУ

„Од каде да се почне? Првиот чекор е одговорноста, вториот е да се постават некои приоритети од кои што не смееме да отстапуваме, трето повеќе педагошка едукација отколку практична. После Скопје 2014 навистина сфативме што имавме од кога ни беше одземено. Оној град претходно што го имавме веројатно не бевме на цивилизациското ниво да го разбереме затоа што бил и до некаде наметнат. Сите процеси на рапиден раст нè довеле до културна позиција да не можеме да се справиме со модерната, да не можеме да го разбереме модернизмот. Од една страна мислам дека постои нешто позитивно затоа што постојат повеќе пунктови на интензивно истражување враќање на вредноста на модерната архитектура. Особено значењето на овој проект е дека го враќа значењето на модерната архитектура од аспектот на јавниот простор. Ако направите анализа на развојот, попис на номенклатура на отворен јавен простор на ниво на град Скопје ќе видите дека тој е во континуиран раст од постоењето на Скопје до крајот на 70тите и дека после тоа само имаме деградација на јавните простори. Токму тој план мапата на празнините на Скопје го правеше таков како град. Што ќе успееме да вратиме од тоа е прашање, но вредно е да го поставиме како мапа на празнини кое што е уникатно наследство од модерната архитектура, многу повеќератно оштетено отколку поединечните објекти.“ – Мери Батакоја

© МСУ

„Што научивме и што можеме да понесеме како некакво знаење понатаму? Токму тој активизам кој се изроди од тие активности, поттикнување и развивање на свеста за тие простори. Да не заборавиме дека имаме проекти во најава за изградба кои што исто така се презентирани како една слика кои што не нудат ништо повеќе, не нудат квалитет на едно градско колективно живеење, туку само нов простор за домување, администрација и неизбежните шопинг молови.“ – Марија Мано Велевска

„Стратегијата за градот и Скопје 2014 е токму во одење чекор по чекор, не наеднаш. Ширење на една јасен и позитивен став во каков град сакаме да живееме. Стратегија која што се базира на одење на чекор по чекор.“ – Слободан Велевски

© МСУ

За крај прашањето: дали ќе си признаеме дека сите ние, комплетно сите ние си го дозволивме ова? Тој проект Скопје 2014 ни овозможи да се видиме кои сме и што сме. Се соочивме со нашата неукост, односно неукост како треба да се пренесе информацијата, нашето (не) знаење. Tака заробени некој повеќе, некој помалку, никој целосно (лично јас во првите) во канџите на надежта, останува само да бидеме свесно активни, step by step…