Стручна дебата за новиот предлог текст на Законот за градење
28.10.2021 • Информации
На 22 октомври 2021 година, во организација на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, се одржа Стручна дебата на тема новиот Предлог текст на Законот за градење. На собирот присуствуваа министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, професорот Мирослав Грчев, изготвувач на предлог законот, пратеникот Љупчо Балковски од Комисијата за транспорт и врски на Собранието на РСМ, претседателот на Комората, Кристинка Радевски, генералниот секретар на Комората, Димче Атанасовски, претставници на Управниот одбор на Комората и други поканети гости од техничките факултети, стручните комори, општини, здруженија и претпријатија, а модериран од страна на Љубица Ангелкова. Со цел овозможување на поголема транспарентност на дискусијата, собирот беше пренесуван во живо преку Facebook страната на Комората.
На почетокот на средбата Министерот за транспорт и врски ги поздрави присутните и ја потенцираше посветеноста на министерството за донесување на квалитетно законско решение базирано на консултативен пристап со стручната фела.
Претседателот на Комората, Кристинка Радевски ги поздрави присутните, укажа на неопходноста од вклучување на Комората и сите засегнати страни со стручни коментари по однос на предлог текстот на Законот и посака успешна дебата од која што очекува дека ќе вроди законско решение кое е во интерес на струката и градежната индустрија воопшто.
Професорот Мирослав Грчев, како изготвувач на предлог законот, детално го образложи предлог законското решение, осврнувајќи се на сите аспекти од законот и потенцираше делови кои ќе претрпат измени, врз основа на досега пристигнатите сугестии, особено од аспект на ниско градбата.
Генералниот секретар, Димче Атанасовски ги образложи доставените предлог измени во законот, усвоени од претходниот состав на Управниот одбор на Комората во 2019 година и накратко се осврна на информациите собрани од ново спроведената анкета помеѓу членството, по изборот на ново раководство во Комората.
Во дискусијата која се разви по завршувањето на предвидените излагања, земаа учество дваесетина лица, меѓу кои имаше претставници од Стопанската комора, Сојузот на стопански комори, Градежниот факултет, струкови здруженија, претставници од општински органи, јавни институции и претставници од приватниот сектор.
По исцрпување на дискусијата, собирот го затвори Претседателот на Комората, Кристинка Радевски со најава на уште една ваква широка стручна дебата со членовите на Комората, пред конечно оформување на официјалниот материјал со предлог измени за текстот на Законот и воедно повика на слични иницијативи од страна на останатите комори, здруженија, асоцијации и засегнати страни.
Автор на статија: Martina Shteriova