Терминална зграда и пазар / Мојсовска, Костеска

Тема: Терминална станица за јавен градски транспорт / Отворен пазар

Програма: мобилност + инфраструктура + трговија

Локација: Општина Ѓорче Петров, Скопје

Година: 2020/21

Автори: Викторија Мојсовска, Ева Костеска

Ментор: проф. д-р Михајло Зиноски

Универзитет: „Св. Кирил и Методиј“, Архитектонски факултет – Скопје

Градот Скопје претставува пример за перманентна трансформација на сообраќајниот систем кога станува збор за регионален, меѓуградски како и локален јавен сообраќај. Во него бележиме урбани и архитектонски артефакти од историската промена на видот и локацијата на објектите поврзани со јавниот транспорт. Една од тие локации е фрагментот на предземјотресно Скопје во населбата Ѓорче Петров. Во време кога настанала населбата, поврзувањето со Скопје се одвивало со познатиот воз „Пампурче“ кој денес се наоѓа во реонскиот парк. Возот сообраќал од Охрид до Скопје, движејќи се со помалку од 10 километри на час. Од меѓуградскиот сообраќај возот е исклучен во 1952година, кога продолжил да сообраќа на релација Градски Парк-Ѓорче Петров-Матка. Возот претставува еден од почетоците на тој локален транспорт, специфично во ерата на социјализмот како една значајна пионерска траса која го развива новиот дух на градот Скопје.

 

Преку спроведените анализи на локацијата, дојдовме до идејно решение за архитектонски проект наменет за транспорт и трговија, кој претставува еден социјален, економски и просторен атрактор на градот. Проектот претставува целина од два објекти со јавна намена – терминална станица и пазар. Лоцирани се во западното подрачје на градот Скопје, во општината Ѓорче Петров, на оддалеченост 5.5км од центарот на градот. Пристапност до локацијата е овозможенa преку главниот булевар Партизански одреди.

Помеѓу двата објекти кои се наоѓаат на спротивните страни од булеварот  се поставува мостовска врска и со тоа се овозможува континуирано и непречено движење на корисниците на просторот. Директен пристап е овозможен и за патниците кои пристигнуваат на планираната BRT постојка позиционирана во оската на булеварот.

Паркирањето е планирано во катна гаража,како дел од терминалната станица,а со тоа се задоволува потребниот број на паркинг места.

 

 

Како резултат на даденостите на локацијата, во оформувањето на концептот тргнуваме од правилна геометриска форма која има нагласена должина. Со пробивање на габаритот на објектот во две позиции под одреден агол, се зголемува проодноста и се олеснува во голема мера движењето околу објектот. Се добиваат три поединечни волумени кои ни овозможуваат подобра распределба на комплексната програма, а при тоа се издвојуваат три фукционални целини: терминална станица, администрација и катна гаража. На катот поединечните волумени се поврзани меѓу себе со мостови, од кои едниот ни овозможува директна комуникација со пазарот од спротивната страна на булеварот.

 

 

Објектот произлегува од ортогонална конструктивна мрежа која ја генерира формата. Со нејзина ротација за 45 степени се постигнува подобро дефинирање на празниот простор околу објектот и формирање на два плоштади од предната и задната страна. Отворениот пазар се одвива во средината како еден вид агора врамена со габаритот на објектот кој ги содржи затворените продажни единици на катот. Пристапноста кон содржините на горното ниво се овозможува со галерија која го обиколува пазарот и при тоа има визуелен контакт со него. Галеријата е директно пристапна од мостот кој води од терминалната станица и како завршница на таа рута на движење е маркетот кој го сместуваме во посебен волумен во оската на пазарот.

Ваквиот концепт овозможува добра прегледност и лесна достапност до сите програмски содржини. Фреквентно, но сепак лесно и организирано движење низ целиот објект, а тоа ја зголемува атрактивноста на пазарот. Протокот на луѓе и возила е лесен и организиран по вертикала. Доставата на роба кај пазарот се одвива на подземно ниво, што во голем процент го олеснува движењето на купувачите.

 

 

 

Кај овие два објекти препознатлив е заеднички јазик во однос на надворешното обликување, со примена на перфорирана фасада, прекршување на одредени сегменти, при што покрај естетика се овозможува и добра осветленост и проветреност на просторот.

Како карактеристична во однос на обликувањето може да се издвои кровната завршница на пазарот. Таа претставува една целина од поединечни рамнини кои се поставени на различна висина и со различни наклони создаваат ефект на динамичност и експресивност. Дополнителен акцент на кровните рамнини претставува нивната материјалност: нерѓосувачки челик со огледална површина која ја отсликува атмосферата на внатрешниот простор.