Стара велешка куќа / The old house in Veles
06.10.2020 • Литература
Наслов: Стара велешка куќа / The old house in Veles
Автори: Никола Ќурчиев, Мирјана Недева, Зорица Мечкаровска, Мимоза Димковска
Стручни соработници и консултанти: Дипл.инг.арх. Катерина Саздова, Дипл.инг.арх. Станка Амбаркова
Лектори: Англиски: Мимоза Костовска, Македонски: Косовка Савевска
Architecture and English language consultant: Alex Gorsevski
Фотограф: Дејан Ѓоргиев
Печати: 1ва книга Велес
Велес има специфична ридско-карпеста релјефна структура, која го отежнува урбанистичкиот план на градот. Овој факт, заедно со културниот растеж на градот, овозможува да се развие уникатната црта на велешката архитектура.
Целокупното македонско архитектонско творештво со сите белези се формира во периодот на раната преродба, период во којшто се формира и специфичниот стилски белег на велешката архитектура. Зборувајќи за велешката куќа може да се каже дека се создаваат два основни типа на куќи: вертикално високи и хоризонтално високи; директна врска на куќата со улицата, освојување на просторна слобода, функционалност на чардакот и негово отворање преку создавање на чардак-видиковец-троњ. При архитектонското обликување и искористување на природниот амбиент, се создаваат по два влеза во куќата, и тоа, од горната улица во приземјето. Во градбата се повеќе се појавува отворениот чардак кој е ориентиран кон дворот, а просторот за домување е ориентиран кон улицата – во овој амбиент се пјавуваат и високи катови на куќите.
Во архитектурата на велешката куќа се појавуваат посебни специфичности кои ја одвојуваат од другите градови во Македонија. Својата најголема експанзија на стопански и културен план Велес ја доживува во крајот на 18ти и 19ти век.
Анализирајќи ја велешката архитектура од периодот на преродбата, може да се заклучи дека општиот економски подем го стимулирал и развитокот на архитектурата, и во таа смисла, општа карактеристична црта на секоја куќа во Велес изградена во овој период, без оглед дали припаѓа на побогат или посиромашен сопственик, е токму таа префинетост на мерката, изразот или односот на волумените (идеалниот однос на камената структура приземје со спратот, односно неговата измазнетост-белина, е по мерка на човекот).
Оваа публикација го истражува токму овој период на развојот на велешката архитектура преку најпознатите куќи како што се: Куќата на Паунови, Куќата на Прнарови, Куќата на Тренчови, Куќата на Васил Главинов, Куќата на Јордан Хаџи Константинов – Џинот, Куќата на Кочо Рацин, Куќата на Матови, Куќата на Стојанови, Куќата на Шукара, Куќата на Ѓоргови 1, Куќата на Ѓоргови 2, Куќата на Бунови, Куќата на Аликарови и Куќата на Касапови.
Автор на статија: Martina Shteriova