Историја на Крушево, урбанизам и архитектура – дел I

Година: 1978

Наслов: Историја на Крушево и крушевско

Автори: д-р Александар Матковски, дел I: д-р Крсте Битоски, дел II и III: проф. Крум Томовски, дел III; д-р Коста Балабанов, дел III.

Денес ви претставуваме книга од приватните архиви којашто е посветена на Крушево, од почетокот и создавањето на градот, неговиот развој, експанзијата во полето на културата, препознатливата архитектура и урбанизам. Оваа книга (во три дела) ги опфаќа сите фази на развојот на градот кои влијаат во создавањето на автентичната крушевска архитектура и со тоа е доказ како општествениот развој влијае врз формирањето и обликувањето на еден град сам по себе.

 

 

ОД КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО НА КРУШЕВО

Урбанизам и архитектура

Расположено на падините на Бушова Планина, Крушево е единствена градска населба во планински амбиент, не само кај нас туку и во целата наша земја, извонредно вкомпонирана во околниот пејсаж. И како населба, а и поради својата архитектура, Крушево претставувало, и денес претставува, посебен интерес за проучување и за доживување на урбаниот амбиент и на архитектурата.

Изградено на ридест терен, на надморска височина од преку 1250 метри, Крушево претставувало единствена урбанистичка целина, со урбана структура и архитектура коишто по своите општи концепции во компонирањето на просторот , како и во проектантскиот приод во креирањето на архитектонските објекти, се вклопувало во општите архитектонски движења карактеристични за македонското архитектонско творештво на XIX век.

Зафаќајќи природен амфитеатарски предел, со слободна диспозиција на куќите, поставени наизменично една врз друга, органски поврзани со теренот и пејсажот, Крушево се оформувало во извонреден урбанистички ансамбл со питорескен амфитеатрален изглед, со панорамски амбиентални и урбанистички вредности, коишто се манифестирале во слободната композиција на урбаните целини, во правилната инсолација, аерација и овозможување на слободни видици.

Во урбаната структура, Крушево, како и другите градови во Македонија, било формирано од чаршија – како центр на трговско-занаетчискиот и општествениот живот – и од повеќе маала – како станбени зони. Чаршијата го зафаќала средишниот простор на населбата, составена од низа мали занаетчиски и трговски дуќани, наредени еден до друг. Таа била најживописниот дел на градот, на кој се надоврзувале маалата што ги имало повеќе, како што се, на пример: Влашко Маало, Мијачко Маало, Арнаутско Маало, Струнга Маало и други. Во својта содржина маалата, покрај куќите за живеење, имале и други објекти, коишто служеле за задоволување на општите потреби на жителите: маалска чешма, фурна, црква, дуќан, со извесни проширувања пред објектите, со што се создавале еден вид маалски центри, каде што се одвивал секојдневниот живот на луѓето од маалото.

Вака компонираната населба претставувала жив урбан организам, поврзан со низа тесни калдрмисани улици, потонат во зеленилото на малите бавчи во дворовите и на коријата, која била изразита урбана содржина како природна рамка на населбата.

Граските простори, тие во чаршијата, пред црквите, кај чешмите, биле складно димензионирани и оформени, со што била создадена специфична атмосфера на интимност, толку блиска на менталитетот на нашиот човек.

Но, секако најголема архитектонска вредност на Крушево претставувале куќите за живеење градени во текот на XIX век. Од првобитните куќи коишто не е запазено, па за нивниот изглед и функционално решение дознаваме од описи. Еве како се тие опишани: „Првобитните куќи на Власите беа едноставни селски чардаклии, со приземје и кат. Во приземјето, во предната страна имаа отворен трем, а зад него – аур за добитокот и мутвак; на катот, пак, две до три одделенија, а пред нив отворен чардак.“

 

Во оваа книга детално е објаснет развојот на градот и архитектурата. Погледнете ја и нашата објава посветена на концепцијата и типологија на крушевска куќа.

Во контекст на темата, неодамна на нет платформите и каналот на Youtube на Македонската радио и телевизија (тогашна Телевизија Скопје) се појавија снимки од нејзините богати архиви. Во прилог погленете го документарниот филм за градителското наследство во Крушево од 1979 година.