Туристичка станицa во долината на р. Радика / Настеска, Попоска
17.05.2021 • Студентски проекти
Автори: Елена Настеска, Маја Попоска
Педагошки тим: проф. д-р Минас Бакалчев, доц. д-р Саша Тасиќ, ас. Александар Петановски, ас. Марија Петрова
Предмет: Интегративно студио
Семестар: IX – 2020/2021
Факултет: Архитектонски факултет – Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“
Проектна задача: Рибник: трансфер зона / Туристичка станица
Локација: Долина на река Радика
Најживописниот дел на Македонија е токму кањонската долина на река Радика, бисерот на Реканскиот крај со својата студена, бистра, смарагдна вода. Извирајќи уште од Шар Планина, таа меандрира помеѓу драматичните планински масиви на Кораб и Дешат на запад, Бистра и Стогово на исток, формирајќи проширувања со возбудливи визури. Во едно такво проширување, во близина на манастирот „Св. Јован Бигорски“, се наоѓаат и трагите од некогашниот рибник кој бил во функција во 1930-тите години, место кое е во сопственост на манастирот.
Во соработка со Бигорскиот манастир, по повод 1000 години од неговото постоење, предмет на нашата проектна задача е обнова и активирање на рибникот во една туристичко-производна станица.
Пристапот кон разбработка на задачата претставува еден интегрален зафат кој се протега низ целата локација, во вид на супрематистичка композиција. Како главен правец е запазен правецот на протегање на базените на стариот рибник, кои го задржуваат своето место, на кои во долниот дел се надоврзува нова водена површина – езерце. Интервенцијата се протега на исток, во површината помеѓу рибникот и патот, бидејќи останатиот дел, западнo од рибникот претставува мочурлива почва, склона на поплави, во која е предвидено слободно движење по органски патеки.
Пристапот до комплексот се наоѓа горе, на исклучување од регионалниот пат Гостивар-Дебар, веднаш после бензинската пумпа Макпетрол, каде е обезбеден паркинг простор и тоалети. Движењето е исклучиво пеш, по дрвена патека, освен за возила во служба на рибникот и ресторанот, за кои е обезбеден излез на јужната страна на локацијата.
Паралелно со рибникот, во приземје се развива трем кој служи како галериски простор, како и економски простории за рибникот и магацини за производите од агрикултурниот дел кој се наоѓа веднаш до објектот. На катот се развиваат ресторанот и барот, со тераса и поглед кон самиот рибник и возбудливиот пејзаж. Сместувањето е решено во вид на две кули кои се дел од системот на пет вертикали кои избиваат од хоризонталниот објект, како реминисценција на стеблата на дрвата и копнежот по визуелен контакт со манастирскиот комплекс.
Во останатите кули се развиваат различни содржини и истите се проектирани на база на голема трансформабилност на просторот во зависност од потребите: информации, соби за проекции, летна школа за архитектура, работилници, вертикална градина, како и амфитеатрални скали на претпоследниот кат со поглед кон бујната вегетација. Последниот кат е транспарентен каде се наоѓаат механизми за станиците на жичарата. Таа е предвидена да се протега од почетокот на драматичниот кањон на Радика, кај комплексот Кораб Трница, спуштајќи се до туристичката станица, а потоа искачувајќи се покрај планината и стигнувајќи до комплексот на Бигорскиот манастир како крајна дестинација, со што ќе се обезбеди едно поинакво доживување на овој предел, а ќе биде од корист за развој на туризмот.
Во составот на комплексот исто така е предвиден ранч за коњи, од каде би се организирале тури за јавање на коњи, кои се познати во Националниот парк Маврово. Покрај самиот брег на Радика, во една густа листопадна шума се развиваат и монтажни павиљони, во вид на пејзажен хотел со директен контакт на реката. До нив се пристапува преку мостови/платформи, преку кои може да се стигне и на другата страна на реката, до камп зоната за шатори и собата за медитација. Целиот комплекс преставува зафат во кој е употребено дрвото како главен материјал, бондручниот систем кој е вообичаен за традиционалната архитектура во овој крај.
– од студентите
Автор на статија: Ноеми Чаусидис
агрикултура / АФС / Бигорски манастир / интегративно студио / Радика / Студентски проект / туристички објекти