„Визии за просторен развој на Кичево 2030“, изложба на студентски задачи од АФС
09.05.2022 • Информации
Архитектонскиот Факултет во Скопје и Општина Кичево ве покануваат да присуствувате на изложбата на студентски задачи од предметот Урбанистичко обликување 2 – „Визии за просторен развој на Кичево 2030“.
Изложбата ќе се отвори на Китиното Кале на 10 мај 2022 година со почеток во 12:00 часот. На отворањето ќе присуствуваат претставници од Општина Кичево и претставници од Архитектонскиот факултет во Скопје, а се поканети да се придружат сите заинтересирани граѓани на Кичево. Во рамки на настанот, студентите ќе имаат можност да ги претстават своите визии, стратегии и проекти за просторен развој на градот Кичево, кои ги работеа во текот на IX семестар од своите студии по предметот Урбанистичко обликување 2.
Студентите преку своите визии го претставуваат Кичево како продуктивен, зелен, атрактивен, здрав и самодоволен град и размислуваат за туристички и креативен развој на градот и околината. Притоа се креирани 8 визии кои нудат програмски и просторни решенија, а истите се детално претставени низ вкупно 27 архитектонско-урбанистички проекти.
Изложбата ќе остане отворена за јавноста 11-18 мај во фоајето на театарот во Домот на култура „Кочо Рацин“ во Кичево.
(10 мај) Локација: Китино Кале
12.00 – 13.30 Отворање на Изложбата
12.00 – 12.30 Воведен збор на претставници од Општина Кичево и Архитектонски Факултет;
12.30 – 13.30 Презентација на визии и проекти од страна на студентите од Архитектонски Факултет.
(11 мај – 18 мај) Локација: Дом на култура „Кочо Рацин“
9.00 – 16.30 Отворена изложба за јавноста
Автор на статија: Martina Shteriova
Визии за просторен развој / Кичево / Студентски проекти / Урбанистичко обликување 2