„РАДО Инженеринг“ е добитник на Големата годишна награда

Во просторот на Музејот на Град Скопје, на 22.12.2016, Големата годишна награда за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2016 ја прими архитектонското студио „РАДО Инженериг“ со победничкиот проект „Индивидуален станбен објект со посебен режим на домување“. Архитектите Пако Радовановиќ, Арсенија Поповска Радовановиќ и Ѓоко Радовановиќ е тимот кој стои зад победничкиот проект.

img_8617

Асоцијацијата на архитекти на Македонија по 26 пат ја доделува оваа награда, додека покровител на манифестацијата е д-р Ѓорге Иванов, Претседателот на Република Македонија.

img_8622

На конкурсот  пристигнале четири проекти, а жирито составено од пет члена на чело со архитектот Ранчо Христов, образложи дека останатите проекти се одбиени поради неисполнување на критериумите. Еден од проектите бил доставен со задоцнување, другиот не бил целосно изведен, додека третиот не бил изведен на територијата на Македонија.

img_8620

На свеченоста земаа говор архитектот Пако Радовановиќ, во име на тимот, претседателот на ААМ архитект Мартин Пановски и покровителот, претседателот на Р.Македонија, Ѓорѓе Иванов.

img_8632

Пако Радовановиќ ја истакна среќната околност за овој проект, во кој инвеститорот се посочи како човек кој навистина знаел што сака и имал можност да си ја овозможи реализацијата на проектот. Воедно им посака на своите колеги, се почесто да имаат успешни реализации како што е случајот со нивниот победнички проект.

img_8631

На говорот кој го оддржа Мартин Пановски, претседател на Асоцијацијата на Архитекти на Македонија, пред собраните посочи дека архитектурата е комплексна материја која зависи од сите кои се учесници во неа: архитектите, инвеститорите, инженерите и изведувачите. Секој има подеднакво важен удел во крајното дело, како што е и важноста на почитувањето на процесот и системот на архитектонската професија. Пановски го посочи  и премалиот број на пријавени проекти, што само укажува на вистинско непочитување кон архитектите и професијата од страна на општеството.

img_8619

Пред врачувањето на наградата,Претседателот Ѓорге Иванов го цитираше американскиот архитект Луис Кан, кој во една прилика изјавил дека „Архитектурата е посегање кон вистината“. Со ова претседателот укажа на големото значење што оваа професија го сноси во себе, како пракса која иманентно е искрена.

Иронично, од таа искреност не гледаме многу  во големите зафати на јавниот простор во изминативе години. Зборовите на Луис Кан не важат во Македонија.

За говорот на претседателот имаше реакција во социјалните мрежи дека е истиот говор и од минатата година, поврзувајќи го чинот со формалната поддршка и внимание кон професијата.

img_8626

За говорот на претседателот имаше реакција во социјалните мрежи дека е истиот говор и од минатата година, поврзувајќи го чинот со формалната поддршка и внимание кон професијата.

„РАДО Инженеринг“ е архитектонско студио основано во Скопје во 2001. Успешната кариера на студиото вклучува изведба на многу едносемејни и повеќесемејни објекти, меѓу кои се Вила Елсани (2012) со исклучителниот поглед кон охридското езеро, како и големиот асемблаж на повеќесемејно домување –Соравиа Резорт (2009-2012). Внатрешниот дизајн е уште едно поле на кое просперира студиото, каде нудат исклучително добри решенија кои се иновативни во својот израз и истовремено сведочат за сериозно познавање на материјалите.

Фото: Борис Јурмовски/МАРХ

Текст: Љубен Трајаноски, Филип Конески