Комеморативна седница во чест на архитект Славко Брезоски

Вчера, 10.03.2017 во амфитеатарот при АФС се одржа комеморативна седница во чест на големото име на македонската архитектонска сцена, Славко Брезоски.

Седницата ја водеше професор Анета  Христова, а свои говори одржаа и Минас Бакалчев, Мартин Гулевски, Михајло Волканов и Митко Хаџи Пуља. На комеморацијата беа присутни професори, постари колеги, членови на семејството, студенти…

Се говореше со голема почит кон наследството кое го остави Брезовски, не само како градител туку и како професор, пријател, човек.

Деканот Минас Бакалчев се осврна на реализирањето на амбасадата на Југославија во Бразилија, нејзината вредност и личен дострел на архитектот, додека говорот на Волканов не приближи кон случките низ процесот на соработка и другарување, во кои поентираше со истакнување на скромноста на Брезоски како личност.

Професорката Христова  сподели импресии за неговата професорска димензија и  вредноста како автор со став и личен потпис во архитектурата, неговата непокорност кон принципите на модерната и цврсто држење во тоа до својата 95 годишна возраст и покрај деградирањето на неговите дела.

Професорот Гулевски низ емотивниот говор се поздрави со својот колега споделувајќи повеќе заеднички искуства и хронолошки информации, додека Хаџи Пуља ја заокружи седницата со духовната димензија на неговото дело Соборниот храм „Св.Климент Охридски“ во Скопје.

Седницата заврши со едноминутно молчење во знак на оддавање почит кон големиот македонски архитект.

СЛАВА МУ!