Биофиличен хотел на обалата на Охридското езеро/ Лазевска
09.01.2019 • Студентски проекти
Магистерска задача
Година на проектирање: 2018
Автор: Александра Лазевска
Ментор: Микеле Бонино од Политехничкиот факултет во Торино, Италија.
Брзиот развој на урбанизацијата, фабрикацијата и развојот на технологијата во последните неколку децении имаат донесено повеќе негативни влијанија врз денешните градови, но уште поважно и врз секојдневниот живот и здравјето на луѓето. Предвидено е дека повеќе од 70% од населението во светот ќе живее во град во наредните неколку децении. Ова придонесува до губење на многу зелени површини со што и уништување на нашата околина и здравје. Но тоа не е нешто што се случува само по себе, туку нешто врз што луѓето имаат контрола. Затоа, денешните планери, архитекти и дизајнери треба да ја превземат обврската во свои раце и да се обидат да креираат што е можно подобра околина за луѓето. Еден начин ова да се постигне е користење на биофилија, чија имплементација е позната под името биофиличен дизајн.
Биофилија е внатрешната, природна, вродена желба и нагонот кај луѓето да се поврзат со природата. Имплементација на биофиличен дизајн значи користење на многу елементи од природата, поделени на три главни категории:
-природа во просторот (видливо и директно поврзување со природата)
-природни аналогии (имитација на елементи од природата – индиректна поврзаност)
-природа на просторот (абстрактна поврзаност, љубопитност кон непознатото)
Охрид, како еден од најубавите градови во Македонија, прифатен од УНЕСКО како културно и природно наследство, е исто така жртва на брзата урбанизација и сите нејзини негативни ефекти, особено поради развојот на туризмот.
Целта на овој проект е, од една страна, да се придонесе кон развојот на туризмот во Охрид и да се привлечат повеќе посетители и туристи од Македонија но и од останатиот дел од светот, но од друга страна, да се поврзе природата со луѓето, да се заштити животната средина, градот, како и да се подобри расположението и здравјето на посетителите.
Хотелот е лоциран на источниот брег од Охридското езеро, на околу шест километри јужно од центарот на Охрид. Голем процент од локацијата содржи зеленило и вода, што се едни од главните елементи на биофилија. Организацијата на сите елементи на локацијата се е направена според одредени логички правила како на пример ориентацијата на спортските терени и паркингот е кон север бидејќи за нивно функционирање не е потребно многу сонце или природна светлина.
Ориентацијата на собите е кон исток и запад кои воедно се најпогодни поради количината на светлина и топлина, како и искористување на убавите погледи кон езерото и планината Галичица. Формата на објектот е добиена на тој начин да се вклопува во природата и да одговара на локацијата, при што на прв поглед би можела да се забележи врската со природата. Скалестото паѓање од високите планини од едната страна кон нивото на езерото на другата страна е вистински доказ за следењето на природниот пад. Објектот е составен од три главни волумени од кои еден централен волумен и две странични крила. Централниот волумен е полу-константен полу-транспарентен бидејќи дел од него се појавува на едно од погорните нивоа (+8.00).
Во однос на програмата и содржината, хотелот се состои од целосно јавни простории на ниво 00.00 и +4.00, додека од ниво +8.00 и нагоре во крилата се сместени гостинските соби. Сите заеднички содржини се доволно поврзани за да бидат лесно пристапни за гостите, но и доволно одвоени за да не дојде до мешање на јавните и приватните простории како и мешање на гостите од хотелот со привремените посетители. Сите споеви помеѓу јавните и приватните постории се биофилични, каде добар пример за овој метод е биофиличната кула на комуникациите (скалите и лифтовите), како и празниот спрат на ниво +4.00 кој претставува тампон зона помеѓу диското на приземје и гостинските соби кои почнуваат од ниво +8.00.
Општиот (целосно јавен) дел е посебен волумен со посебен влез и рецепција при што се двои од просторот резервиран за гостите на хотелот. Во овој волумен припаѓаат салата за танцување, казиното и ресторанот за привремените посетители.
Повеќето простории се дизајнирани според правилата на биофилија, како на пример просторниот и висок хол/лоби во кој што се пристапува при самото влегување во хотелот. Има многу знаеднички простории исполнети со зеленило, стакло кое овозможува природна светлина и сонце, природни материјали како дрво и природен гранит, вода, отворени видици кон надворешноста, природата. Други биофилични елементи кои се искорисени во проектот се затворените и отворените градини присутни на секој спрат, светлосниот продор во едно од крилата, биофиличните балкони на секоја од гостинските соби, зелените кровови, зелените ѕидови, како и биофиличниот мост кој ги поврзува двете крила и терасата од ресторанот. На јужната страна се поставени фотоволтаични стакла и зелени ѕидови, додека на кровот има соларни панели. Преку многу истражувања и студии, докажани се сите бенефиции од биофилијата, кон животната средина, но и кон физичкото и психичкото здравје кај луѓето.
Биофилијата не е луксуз, туку неопходен фактор во нашето живеење кој има голем придонес кон одржлива архитектура.
Автор на статија: Filip Koneski
Александра Лазевска / Биофиличен хотел / Магистерски труд / Охрид / Студентски труд