Евангелско-методистичка црква / Константинов

Година на проектирање: 1973

Година на изведба: 1978

Автори: Јанко Константинов

Извори: Архива на Евангелско-Методистичка црква; Архитектурата на Евангелско - Метоидстичките цркви во Република Македонија - арх. Јосиф Р. Ристовски; „Патот на еден архитект 1958-2013“ – Култура; Значајни личности за Битола - НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола

Локација: ул. Дебарца 9, Скопје

Евангелско-методистичка црква е сакрален објект во централното подрачје на Скопје кој е осветен и отворен во 1978 година. Локацијата на објектот е во густо изградено градско ткиво кое воглавно е составено од домување и деловни простори во приземјето, а објектот е поставен на неправилна аголна парцела која понатаму влијае врз архитектонската форма. Историјата на Евангелско-методистичката црква е блиску врзана со адаптацијата на објекти првично наменети за домување во сакрални објекти. Во минатото на црквата во Македонија, често се откупувани градски куќи кои се погодни за потребите на црквата. За пример можеме да го земеме примерот на првата евангелско-методистичка црква во Скопје, која претходно била двокатна куќа на плоштадот „Слобода“.

Црквата на денот на осветувањето во 1978г.

Сегашниот храм е проект на етаблираниот архитект Јанко Константинов, творец на објектите кои ја дефинираат современата силуета на Скопје. Иако различен од било кој од останатите реализирани проекти на авторот кои носат јасен печат на силна архитектонска пластика и работа со експониран армиран бетон, овој објект е значајна реализација. Во продолжение ги анализираме специфичните моменти на црквата.

 

Влезна партија, фоаје и конструкција

Влезот во црквата е првиот момент каде се навестува како комплексната геометрија влијае врз внатрешниот простор и атмосфера. Просторот пред големата сала е проектиран како собирен простор каде луѓето се социјализираат по или пред службата и во исто време е и конектор на функциите. Во фоајето се открива конструктивната логика на објектот. Тука можеме да ја забележиме карактеристичната триаголна касетирана меѓукатна конструкција која е ретко користена во архитектурата на нашите простори. Некои од објектите каде можеме да го забележиме овој конструктивен детал се Спомен домот на Разловечкото Востание и Меморијалниот центар АСНОМ, објекти проектирани од Георги Константиновски.

Влезната партија гледана од фоајето.

Сала

Салата за служба е впечатлива во начинот на кој се внесува природната светлина во објектот и како таа се користи при дизајнот на религиозна атмосфера. Големиот отвор кој е поставен зад местото од каде се врши службата се издолжува од подот на салата до висина околу 7 метри. Салата има и галериски простор за седење на кој се пристапува од скалишниот простор во фоајето. Таванот на салата кој е карактеристично прекршен е изведен во дрвена ламперија обоена во темно зелена боја, обработка која се појавува и на оградата на галеријата. Во салата се јавуваат и два неправилни петаголни прозорци, адекватно обликувани на целосната форма и планот.

Основа

Планот на црквата не е врзан со одреден канон на просторно обликување.  Оваа специфична просторната композиција можеме да ја дефинираме како склоп или кластер од вертикални полиедари. Како метод на проектирање можеме да воочиме дека секоја функција во планот е јасно одвоена во полиголнален волумен. На тој начин функционалноста е директно поврзана со фасадата. Секој од волумените е одвоен од другиот преку светлосни отвори кои се протегаат по целата фасада. Овие отвори се всушност осветлување за фоајето и останатите простории во горните етажи. Белата боја на фасадата дозволува комплексната геометрија на објектот да дојде до полн израз.

Овој објект е важен поради повеќе причини. Најпрвин, тој е сведоштво за еден од формативните периоди во животот на Константинов. Во 1954 година младиот архитект заминал на едногодишна специјализација во Копенхаген, Данска, каде што истовремено и работел. Од 1955 до 1964 г. Јанко работи во Стокхолм, Шведска, во повеќе архитектонски бироа. Фактот дека во летото 1957 г. работел во Јувескула, Финска во студиото на светски реномираниот архитект Алвар Аалто ни овозможува да го гледаме овој мал но импозантен објект како конекција меѓу македонскиот и нордискиот модернизам.

 

Релација Македонија – Финска

Би можеле да претпоставиме дека искуството и влијанијата од финскиот модернизам направиле голем впечаток над Константинов. Принципите на органската архитектура популаризирана од Аалто во 50-тите години на минатиот век претставуваат обележје на нордиската архитектура. Ново-настанатиот скандинавскиот стил станува препознатлив печат на државите кои засилено градат во овој период.  Тоа е духот на времето на таа територија.

Како споредба можеме да ја земеме црквата Heilig-Geist Kirche во Волфсбург, Германија, Алвар Аалто ја обликува собирната сала во неправилна форма со олтарот во најтесниот дел, поставувајќи ги клупите за посетителите концентрично кон тој агол. Во истиот комплекс, Аалто го користи принципот на сегрегирање на функциите во посебни, одвоени полигонални волумени кои се читаат на фасадата, принцип на проектирање кој можеме да го забележиме во адекватно намален размер, во примерот на црквата на Константинов. Истотака, заедничкиот конектор – фоајето кое ги спојува функциите во двата случаи е решен во ист манир. Тоа е проектирано како неправилен социјален простор, кој дава посебен акцент на корисниците на објектот.

Alvar Aalto – Heilig-Geist Kirche (1958)

Во согледувањето на сличностите со проектите кои претпоставуваме дека се земени како инспирација за обликувањето на Евангелско-методистичката црква во Скопје, мораме да земеме предвид дека автор со силен авторски печат како Константинов не би аплицирал идеа од друг автор директно, туку повеќе би бил склон кон достигнување на доживувањето, атмосферата.

 

Анализата ни прикажува дека станува објект со силна концептуална логика, современ на својата ера и доследен на начинот на конструирање на сакрален простор. Синтезата на фасадата, планот, конструкцијата и доживувањето на просторот го прават овој објект рамноправен во споредба со сакралните објекти градени во неговото време и денес, иако во својот размер е всушност многу помал од другите храмови кај нас.

* Објектот е дел од сетот разгледници „Бетонско Скопје 2“,кој воедно се појавува и како тема на изданието. Истиот беше препознаен како еден од повеќето значајни објекти, не доволно видливи за пошироката јавност и фелата, достојни за поширока промоција.