Ентериерно решение за КАНЦЕЛАРИСКИ ПРОСТОР во Битола / 3SArchitects

Година на проект:  2023

Автори:  Наташа Стојаноска, Лазар Стојаноски

Проектантско биро: 3SArchitects, Скопје

Инвеститор: Приватен

Локација: Битола

Површина: 130 m2

 

На барање на Инвеститорот изготвен е проект за ентериерно решение на Канцеларии, при што е адаптиран станбен простор во канцелариски простор со локација во Битола.

Според барањето на Инвеститорот обезбеден е работен простор за 8 до 10 вработени, при што секоја работна просторија е оформена како комотен, пријатен и светол работен простор со дел за прием на клиенти.

 

 

Објектот располага со еден централен предпростор од каде се пристапува до сите останати простории, додека дел од останатите простории се поврзани меѓусебно.

Во новопроектираната состојба, централниот дел е искориестен за приемен дел-лоби, а во периферните простории се сместени вработените, централната просторија е предвидена за директорска канцеларија со простор за состаноци и презентации.

 

 

При процесот на разработка на архитектонското решение, природно беше да биде земен во предвид историскиот карактер на објектот, при што главната проектантска цел беше да се создаде простор кој ќе биде во релација со историскиот објект и каде финалниот производ треба да биде резултат на континуиран развој на самиот објект. Според тоа проектантскиот израз природно се формулира како спој на класични мотиви и современи елементи, односно елементи од периодот во кои се проектира и користи просторот.

 

 

Во таа насока изборот, кој елемент ќе биде класичен, а кој современ природно се наметна она што е составен дел на градбата, односно константа во развојот – ѕидови, подови, плафони да бидат третирани со класични мотиви, додека мебелот осветлувањата, библиотеките и декорот на просторот да бидат современо третирани.

 

 

Почитувајќи ги барањата на Инвеститорот, просториите да бидат комотни и светли, библиотеките и просторот за складирање на документација се поставени по ѕидовите кои го оформуваат приемниот дел/лоби поставени симетрично на двокрилните влезни врати во канцелариите, а работниот простор е поставен на фасадниот ѕид при што е се обезбедува соодветна природна осветленост во текот на работата.

Со оглед на тоа што просториите не располагаат со големи квадратури, искористена е максималната висина на секоја просторија за складирање на документација и декор.

Во двете директорски канцеларии, работниот простор  е сместен централно  за да се обезбеди прием на повеќе клиенти.

 

 

Изборот на опрема, декор, материјали и боја на мебелот е дефиниран според барањата на Инвеститорот и димензиите на просториите. Светлиот работен простор е постигнат со употреба на бели нијанси на ѕидните облоги, библиотеките, работните бироа и светилките  со ситни детали во друга боја. Материјалите  се предвидени да бидат истрајни и лесни за одржување.

 

 

Тоалетот е исто третиран како и канцелариските простори, со употреба на материјали во светли нијанси и ситни детали во друг материјал и боја.

 

 

Со оглед на тоа што се работи за историски објект диспозицијата на просториите и ѕидовите е задржана според постојната состојба со цел максимално да се испочитува традиционалниот карактер на елементите изработени во претходниот период.

На овој начин целта на проектантите е да се овозможи континуитет на објектот и додавање на дополнителен квалитет на веќе оформен простор, кој во иднина би се третирал како целина.