Црква Св. Димитрија / Варош, Прилеп, XII-XIV век
07.06.2025 • VI-XV век

Период: XII-XIII век
Локација: стар град Прилер, денес с. Варош, близу до црквите Св. Архангел Михаил, Св. Никола и Св. Атанасиј
Фрескоживопис: XII-XIV век
Ктитор: фаза 4 Димитрија Мисинополит – византиски
благородник
Насловна фотографија: Фото Клуб Прилеп – Црква „Свети Димитриј“
Виртуелна прошетка: Црква „Свети Димитриј“
Во срцето на стариот прилепски Варош, на местото кое одамна било центар на живописен средновековен пазар, се крие еден од најзначајните архитектонски споменици во регионот – црквата „Св. Димитрија“.
Црквата е олицетворение на богатиот развој на градот во доцно византискиот период. Нејзината архитектура претставува колаж на двовековен континуиран развој и надградување, како и интересна комбинација на архитектонски трендови кои доаѓаат од различни краеви на Византиското царство.
Фотографија од постоечка состојба на целиот комплекс / извор: Фото Клуб Прилеп – Црква „Свети Димитриј“
Историски фотографии / извор: www.oldprilep.com
Првата фаза на црквата е изградена кон крајот на 12-ти – почетокот на 13-ти век. Археолошки наоди откриле дека е градена врз руини од постари куќи. Се претпоставува дека црквата функционирала заедно со пазарот, кој бил особено одржуван за Митровден – денот на светецот-патрон на храмот. Оригинално, тоа е скромен храм со еден кораб, свод и апсида, која и денес се гледа на источната фасада, со својата карактеристична ѕидарија од тули и камења со неправилни форми.
Фасадни изгледи низ сите фази, според Коруновски / извор: предавања по предметот Историја на Архитектурата и Уметноста во Македонија, при АФС – проф. Елизабета Касапова
Основата низ сите фази / извор: „Средновековна Македонија“ – Димитрова, Коруновски, Грандаковска, 103 стр.
Втората фаза се одвива неколку децении подоцна, во средината на 13-ти век. На оригиналниот брод се додава изѕидан трем од северната страна, изработен овој пат со многу по специфична фасадна обработка.
Тој е граден во техника на „вовлечен ред на тули“, која формира вовлечени полиња исполнети со бел малтер, создавајќи голем контраст со црвените тули – карактеристичен печат на средновековната архитектура од Цариград и елемент кој ретко се среќава надвор од тоа поднебје. Кај „Св. Димитрија“ во Прилеп, оваа техника е распоредена да формира шаховски полиња и наизменични редови на камен и тула.
Фотографија од северната и источната фасада, декорациите со малтер се дел од втората фаза на изградба / извор: uchitelj – livejournal.com
Трета фаза се одвива уште неколку децении подоцна, во 1284-та година. Тремот од втората фаза сега се затвора и се обединува со внатрешноста. Црквата се доградува вертикално и се додава попречен свод, формирајќи т.н. сводна купола, која е карактеристична за епирската архитектура. Северната фасада добива нова површина за декорација, изѕидана со опус клуазон и акцентирана со трократен лак и окулус. Ритамот на декорациите е доста правилен и содржи неколку назабени венци, ниши од тули околу отворите и опус во форма на рибина коска.
Северната фасада – трета фаза / извор: uchitelj – livejournal.com
Четвртата фаза е изведена близу до 14-ти век, финансирана од ктиторот Димитрија Мисинополит. На двокорабната градба ѝ се доградува јужниот наос, нартексот и куполата. Храмот се редизајнира во популарната форма на впишан крст со купола.
Куполата претставува еден од најстарите примери на т.н. „македонски тип“ – со 12 страни и тимпан со празно поле над прозорците. Овој елемент може да има конструктивна функција (за амортизација на бочниот притисок), но и декоративна – како дополнителен простор за керамопластична декорација.
Фасадите од оваа фаза се исполнети со декорации како меандри, назабени венци, опус спикатум (рибина коска) итн. На западниот ѕид е вграден антички архитектонски елемент – едикула со соларен симбол, која веројатно потекнува од околината на оваа локација. Ова е само една од повеќе сполии кои се вградени во овој објект.
Јужната фасада – четврта фаза / извор: uchitelj – livejournal.com
Куполата од „македонски тип“ и силуетата на Маркови Кули / извор: www.oldprilep.com
Во внатрешноста се сочувани фрески од сите три главни фази:
- Од првата фаза се зачувани фреските на Богородица и Св. Димитрија во апсидата.
- Од втората и третата фаза потекнуваат композиции од втората половина на 13-тиот век, со голем број ликови на светци, ктитори и натписи.
- куполата, сводовите и олтарниот дел се присутни фрески од крајот на 14-ти век.
Фреска од св. Димитрија / извор: „Средновековна Македонија“ – Димитрова, Коруновски, Грандаковска, 151 стр.
Интересно е да се истакне вотивниот натпис со кој се оддава почит на византискиот цар Андроник II Палеолог, како и двете фрески на Св. Димитрија, од кои едната е заедно со ктиторот Димитрија Мисинополит.
Иако голем дел од фреските се оштетени, нивниот квалитет и слоевитост го потврдуваат значењето на црквата како културен и духовен центар низ вековите.
Источна фасада – апсидите од прва, втора и четврта фаза / извор: uchitelj – livejournal.com
Извори:
- Macedonian antiquities [CD-ROM], Ein-Sof, 2000г.; Ц. Грозданов, Охридско Ѕидно Сликарство од XIV век, Охрид 1980г
- Димитрова, Коруновски и Грандаковска. „Средновековна Македонија: Култура и уметност“, 2013
- предавања по предметот Историја на Архитектурата и Уметноста во Македонија, при АФС – проф. Елизабета Касапова

Автор на статија: Ноеми Чаусидис
Варош / Византиска архитектура во Македонија / Византиска црква / Прилеп / Средновековна архитектура / Средновековна црковна архитектура