Архизбука – Архитектонска Азбука / Матовска

Автор на дизајн и текст: Теодора Матовска @thea.matovska / @theamatovska.design
Година: 2025

 

Типографијата и архитектурата отсекогаш ме фасцинирале — и двете се форми на визуелна комуникација, двете раскажуваат приказни преку форми, пропорции и текстури. Од мала се воодушевував на изгледот на зградите, нивните силуети и начинот на кој архитектите создаваат уметност од бетон, челик и стакло. Истовремено, дизајнот секогаш бил мојот јазик — начин да го претворам светот околу мене во визуелни форми што зборуваат без зборови.

 

Токму затоа, кога започнав да ја создавам оваа архитектонска азбука, мојата цел беше да го спојам најдоброто од двата света: буквите како симболи на јазикот и архитектонските структури како сведоци на историјата, културата и естетиката на Македонија. А што може подобро да ја претстави македонската кирилица од нејзиниот најмоќен визуелен израз – брутализмот и уникатната архитектура на нашата земја?

Во оваа азбука, секоја буква е изградена од архитектонски елементи – фасади, мостови, куполи, столбови, прозорци, модерни облакодери и историски градби. Но срцето на мојот проект е бруталистичката архитектура што ја дефинира Македонија. Суровите бетонски форми, масивните структури и футуристичките облици на објекти како Поштата во Скопје, Споменикот на Илинден во Крушево, Универзалната сала, ГТЦ и други обележја беа совршен материјал за креирање на азбуката. Светлите и темните делови создаваат дополнителна длабочина, што ја прави секоја буква не само препознатлива, туку и со сопствен карактер.

 

 

Ова дело за мене не е само експеримент со типографијата – тоа е визуелен дијалог меѓу архитектурата, културата и графиката. Преку оваа азбука, буквално ја „изградив“ комуникацијата, правејќи ги буквите да изгледаат како мали градби сами по себе. Истовремено, со изборот на македонската архитектура како главен мотив, ја раскажав приказната за еден дел од светот што е недоволно ценет, но неверојатно инспиративен.

Преку мојата љубов кон дизајнот и архитектурата, сакав да создадам нешто што ќе ја слави кириличната азбука на начин што е уникатен и модерен. Оваа азбука е мојот начин да ја претворам македонската архитектура во зборови, а зборовите – во уметност.