Реминисценција на ликот на Скопје – шесте куќи на улица Илинденска
03.11.2025 • Истражување
						
Чекорејќи по улицата Илинденска, човек има чувство дека минува низ различни времиња. Денес таа изгледа како жива хроника на Скопје – сведоштво за сите негови промени, обнови и сеќавања. Пред еден век, во периодот кога Скопје било под српска управа, оваа улица го носела името „Краљице Марије“ и била тесна, уредена со дрвореди што фрлале густа сенка. По Втората светска војна го добива своето денешно име – улица Илинденска, со што симболично се спојуваат борбата и идентитетот на градот, а од 2010 година прераснува во проширен и модерен булевар што води кон Градскиот парк и Зоолошката градина.


Историски фотографии од улицата Илинденска / Извор: Facebook група “Stari Skopjani”
Покрај улицата Илинденска се наоѓало маалото кое според непотврдени извори го нарекувале Бимбо или Кожар или Кардак Маало, каде што живееле писатели, уметници и интелектуалци кои му давале културен ритам на времето и се ределе објекти што оставиле длабока трага во колективната меморија на градот. Од бројните градски куќи чија архитектонска елеганција го отсликувала духот на старо Скопје, меѓу едни од највпечатливите се одвојувале “шесте куќи”, како што биле познати меѓу луѓето, што се граделе речиси во исто време во првата половина на ХХ век и биле слични по изглед и стил, создадени со препознатливи белези на скопската архитектура од почетокот на XX век. Иако две од нив веќе не постојат и на нивно место има зграда, четири сè уште се таму, при што денес може само да се препознае оригиналниот изглед, сведочејќи за времето кога Илинденска била симбол на граѓанскиот живот и културниот идентитет на градот.

Постојна состојба на четири од градските куќи.
Фотографии: Марија Трајаноска
Градските куќи како материјален симбол од една мината епоха
Овие градски куќи претставуваат исклучителен пример за урбана архитектура од почетокот на XX век, кога во Скопје се чувствувало влијанието на европските архитектонски стилови, особено академизмот и сецесијата. Сите објекти имаат компактен волумен со јасна фронтална ориентација кон улицата, а во основа се оформени во Г-форма. Карактеристични се нивната линиска композиција и висинска усогласеност во однос на улицата, така што секоја куќа има катност од приземје + кат, што создава уреден хоризонтален ритам долж улицата и чувство на континуитет и складност. Куќите биле изведени со масивен конструктивен систем од локално достапни материјали – полна црвена тула врзана со цементен малтер, додека фасадните површини биле обработени со светол фасаден малтер. Нагласените рамки околу прозорите, декоративните кровни венци, металните огради на балконите и елементите од второстепената декорација ѝ давале на фасадата префинет архитектонски израз, воспоставувале визуелна хармонија и ја одразувале занаетчиската прецизност на периодот.
Детали од постојна состојба на четири од градските куќи.
Фотографии: Марија Трајаноска
Состојбата денес – меѓу автентичност и заборав
Денес, делови од овие објекти сè уште сведочат за естетиката и духот на времето, но голем дел ја изгубиле својата автентичност, а некои од нив се целосно срушени. Некои фасади се прекриени со несоодветни материјали, оригиналните декоративни елементи се оштетени или заменети, а прозорците и балконите често не ја следат првобитната архитектонска логика. Недостатокот на систематска заштита и почит кон историското наследство доведе до постепено бледеење на нивниот карактер. Овие куќи заслужуваат внимание и реставрација што ќе ја врати нивната оригинална убавина и ќе потсети на времето кога архитектурата била симбол на граѓанскиот дух, вкус и достоинство.


Објавата ја подготви: Марија Трајаноска (соработник на МАРХ)
							Автор на статија: Martina Shteriova
Градителско наследство / Загрозено културно наследство / Илинденска / Реминисценција на Скопје















