Пролет на Македонскиот Дизајн – 18 Јуни
21.07.2026 • Информации
Фотографија: Борис Јурмовски
Пролет на Македонскиот дизајн е фестивал кој траеше цела пролет – 4 месеци со еден настан каде реномирани македонски дејци предаваа за нивните проекти од последната година.
Последното издание од првата година на Пролет на Македонскиот дизајн се одржа во кафе Бреза каде публиката можеше да проследни три целосно различни аспекти на творештвото во Македонија.
Првото предавање го одржа Гоце Велески, графички дизајнер.
Ова предавање беше на линијата меѓу коментирање на состојбата на графичкиот дизајн на локалната сцена и презентација на последните проекти на Гоце Велески. Дополнително, Велески ја најави својата публикација Логотворница – мал sketchbook наменет за едукација на тоа како се создава лого со помош на grids. Посетителите беа дел од еден вид на beta testing на овој проект со тоа што тие имаа можност да творат лого во живо за време на настанот.
Второто предавање го одржаа Марјан Димиќ – Мачка и Драган Китановски – Драш. Познати на локалната и меѓународната сцена како графити артисти, тие преку својата заедничка приказна и своите поединечни стории го презентираа патот од графити артист во различни сфери на креативноста, каде Димиќ завзема правец кон UI и гејм дизајн, додека Драш ја истражува tattoo уметноста.
Последното предавање го одржа доајенот на македонскиот моден дизајн Александар Ношпал. Неговото предавање го прикажа занатскиот процес меѓу идејното решение и конечната реализација во костимографијата, каде организацијата и фокусот на материјалите ја прави целосната разлика. Публиката ја имаше можноста да ги проследни неговите проекти изработени за различни претстави, каде преку детален фокус на материјалите и нивното аплицирање се достигнува целосната визија на режисерот.
Фестивалот го затвори настапот на музичарот Мартин Џорлев додека во позадината беше исцртана интерпретација на Пролетниот Цвет од страна на уметникот Анастас Стојков – CEN.
Ви благодариме на сите кои бевте дел од овој фестивал. Пролет на Македонскиот дизајн е проект зад кој стои тимот на МАРХ со активна улога и подршка за реализацијата на истиот.
Пролет на Македонскиот дизајн оди во сон се до наредната пролет.
Се гледаме таму!
Автор на статија: Љубен Трајаноски
Александар Ношпал / Анастас Стојков / Бреза / Гоце Велески / Драган Китановски / Марјан Димиќ / Пролет на Македонскиот Дизајн





































































