Официјално затворање на XXII Биенале на македонската современа архитектура
21.10.2025 • Информации

Фотографии: Борис Јурмовски
Вчера (20.10.25) во Музејот на современа уметност-Скопје, се случи церемонијалното доделување награди во склоп на официјалното затворање на XXII Биенале на македонската современа архитектура.
Настанот го отвори Ана Шутиноска како наратор и не воведе низ дејствијата на доделувањето на наградите: „Во изминатите две недели, БИМАС 2025 беше место на интензивна размена на идеи, инспирација и визии. Имавме можност да присуствуваме на бројни изложби, предавања, промоции, презентации и проекции на филмови, кои го претставија богатството и разноликоста на современата архитектонска мисла.“
Поздравени беа и студентите кои учествуваа со своето излагање: „Посебна гордост и оваа година ни беше студентската изложба БИСТА 2025, која со својата свежина, храброст и креативност внесе нова енергија и ни покажа дека иднината на архитектурата во Македонија е во сигурни раце. Настаните беа одлично посетени, а интересот на јавноста уште еднаш потврди дека архитектурата не е само професија, туку жив дијалог со општеството и со времето во кое живееме.“ – Ана Шутиноска
Се обрати и претседателот на Асоцијација на архитекти на Македонија – Валентино Константиновски кој посака добредојде на присутните на официјалното затворање на овогодинешното XXII Биенале на современата македонска архитектура БИМАС 2025: „По завршување на Биеналето треба да сме збогатени со знаење, дополнително инспирирани, но во исто време и замислени, дали се движиме по правиот пат, поточно бара еден вид на сопствено преиспитување.“
Претставена беше и жири комисијата со нејзините членови кои изминатиот период работеа на разгледување на пријавените трудови. Жирито го сочинуваа: Проф. д-р Огнен Марина како претседател на комисијата и членовите Лилјана Дубровска, Дејан Спасеновски, Билјана Насковиќ, Никола Стрезовски, Мартина Штериова и проф. д-р Сашо Блажевски. Потоа се обрати и претседателот на комисијата проф. д-р Огнен Марина и ги посочи уловите под кои работеше комисијата како и заклучокот кој се донесува од овогодинешното Биенале.
По обраќањата доделени беа наградите за секоја од категориите.
Категорија: Урбанистички планови и проекти
- Плакета Студио Архитектура Нова – за проектот Тихо Јавно: Меѓу пејзажот и заедницата (Автори: Марија Димитриевска Цилакова, Даница Јурумовска, Маја Димитриевска, Милка Гочевска, Ангела Кузмановска)
- Награда Тајфа Архитекти – за Детален урбанистички план за Урбана единица Проевце, Блок-22, Куманово (Автор: Стефан Лазаревски, диа)
Категорија: Реализации од областа ентериер и дизајн
- Плакета – БМА студио (Автори: Бесиан Мехмети, Стефан Атанасоски, Емилија Стјаноска, Даме Јовановски, Бане Стојановски, Астрит Азири, Албан Мема, Христина Мијалчева)
- Награда – Ентериер на книжарница Литература.мк (Автори: Емил Јегени, Елена Икономов, Јасна Милојковиќ Муратовска, Веле Богоевски, Ана Момировска и Јосиф Николовски)
Категорија: Архитектонски проекти
- Плакета – Хотел „Св. Мартин“ (Автори: Пако Радовановиќ, Јасмина Димова)
- Награда Индустриски објект за преработка на овошје од Студиото Параметар (Автори: Методи Хаџи-Андов, Игор Сугарчев, Димитар Стефановски, Сашо Андријевски)
Категорија: Архитектонски реализации
- Плакета – Куќа ФБ (Автори: Бесиан Мехмети, Стефан Атанасоски, Даме Јовановски, Христина Мијалчева, Емилија Стојаноска, Урош Николоски, Бане Стојановски, Астрит Азири. Соработници: Благоја Димитриески, Кристијан Гошев)
- Гран при – НОМАГАС Главен административен и сервисен центар од Студиото Параметар (Автори: Методи Хаџи-Андов, Игор Сугарчев, Сашо Андријевски, Димитар Стефановски.
За крај, церемонијата на доделување на наградите заврши со обраќање на претседателот на овогодинешното Биенале – Иван Мирковски.
Во продолжение погледнете ја фотогалеријата од случувањата на настанот >>>

Автор на статија: Martina Shteriova
Биенале на македонската современа архитектура / бимас 2025 / БИМАС XXII