МАРХ Разговори: од архитектурата кон дизајнот / интервју со Жарко Чулиќ

Гостин на третата епизода од МАРХ разгвори: од архитектурата кон дизајнот, е фотографот Жарко Чулиќ.  Тој е познат по неговите портрети и едиторијали кои редовно ги среќаваме на насловните страници од модните магазини. Но, уште пред да влезе во полето на фотографијата, тој беше наш колега и студент на Архитектонскиот Факултет во Скопје.

Врските помеѓу архитектурата и фотографијата се главната тема на ова интервју, кое беше снимено на настанот 5 години marh.mk. А во продолжение на објавата можете да го прочитате и целиот разговор.

 

 

 

  • Дали архитектонското образование ти помогна при учење на твојот занает?

Ми помогна многу, пред се, ми отвори поинакви погледи на уметноста, линии, перспектива, бои, форми… Јас додека студирав архитектура се заљубив во фотографијата. Секогаш кажувам дека архитектурата и фотографијата за мене се тесно поврзани.

 

  • Што сметаш дека е најважното нешто што го научи за време на студирањето?

Па научив многу работи, пред се научив многу за себеси и тоа за мене е најбитното. Како да бидам упорен и вреден, како да сум дисциплиниран и амбициозен, а во исто време креативен и со слободна мисла.

 

 

 

 

  • Дали се уште имаш некои „ахритектонските навики“? Да црташ некои работи во AutoCad, да црташ со дебеломинец, да скролаш на ArchDaily, или да го анализираш секој објект околу себе?

Редовно купувам списанија и книги за архитектура, читам многу на интернет (скролам на ArchDaily и други сајтови), со дебеломинец не скицирам ама затоа во глава константно си правам распореди, замислувам волумени, основи и пресеци… Исто така секојдневно многу пешачам и редовно анализирам објекти околу мене, главата и погледот ми се константно нагоре кренати… А AutoCad немам и мислам дека и нема да инсталирам, сега за сега…

 

  • Дали мислиш дека некогаш би се вратила на архитектонското проектирањe?

Сега за сега, сигурен сум дека не. Многу ретко добивам желба да сум архитект, да проектирам и да работам како архитект. Можеби за неколку години нема да е така.

 

 

 

 

  • Подолго време сликаш за модни магазини, и честопати ги среќаваме твоите фотографии и на насловните страници. По еден фото-сесија како ја избираш сликата која е “the one”?

Некогаш тоа е најтешкиот дел за мене од целата работа, знам да правам избор со денови, па тоа да се менува, да се нервирам и предомислувам со саати. Меѓутоа многу ретко се случува додека сум на сет и фотографирам да знам уште тогаш која фотографија е ‘’the one’’.

 

 

 

 

  • Колку е важна комуникацијата помеѓу моделот и фотографот за зграпчување на совршениот кадар? Дали имаш некои трикови за да го испровоцираш тој момент?

Зависи со кого работам и зависи во кои услови и расположение работам, исто така. Некогаш односот со моделот е супер, и си ја знае работата, лесно се разбираме и фотографирањето тече без проблеми. Меѓутоа некогаш знае да трае со саати и да немаме конкретен резултат, па тука се обидувам да сугерирам и помогнам околу тоа како треба, или со совет како би било подобро.

 

 

 

 

  • Имаш примери на модна фотографија во природен или урбан котекст. Кои се предизвиците кои ќе излезеш да работиш надвор од фото-студиото?

Предизвикот е секогаш голем, многу работи не зависат од мене кога фотографирам надвор на некоја локација. Временски услови, контрола на светло, организација на сет… Студиото е сигурна опција, простор кој ми е познат и го држам под контрола. Секако позабавно е да се фотографира надвор, да се осмислува концептот и да се бараат локации.

 

 

 

 

  • Мене посебно ми се допаднаа твоите колажи со модни фотографии. Дали тоа е нешто што би сакал да го работиш повеќе?

Тоа е нешто што ретко го работам и најчесто го правам во момент на моментална инспирација. Пред се за мој мерак и мои потреби. Не можам да кажам дека тоа е конкретно нешто што би сакал да го работам нон стоп.

 

 

 

 

  • Поточно, доколку ги оставиме настрана желбите на клиентите, што ти сакаш да фотографираш?

Ух тешко прашање. И јас секојдневно се уште лутам, се преиспитувам, се инспирирам… Зависно од периодот, некогаш размислувам во црно-бело, некогаш во многу бои. Знам дека некои работи се фиксни а тоа се дека секогаш поврзано со мода и човек.

 

 

 

 

  • Дали понекогаш сликаш и архитектура? 

Тие моменти ги ловам секојдневно со мојот телефон, а тоа може да се види и на мојот инстаграм профил. Исто така кога патувам обожавам да фотографирам архитектура, улична фотографија, непознати луѓе, скриени кадри и слично.

 

 

 

 

  • Има ли Скопје фотогенични згради? Кои од нив се најдобри за позадини на модни фотографии?

Хм исто така интересно прашање на кое немам баш конкретен одговор. Полесно би ми било да одговорам кои згради не се инспиративни или не се добри за позадини, а тоа се сите оние од проектот Скопје 2014, дури и кога се во позадина, се грди.