МАРХ Разговори: од архитектурата кон дизајнот / интервју со Даме Јовановски

Вториот гостин на МАРХ разговори: од архитектурата кон дизајнот, е Даме Јовановски, архитект од Куманово, кој изработува извондредни 3D визуализации. Неговите рендери се толку детални и реални, што редовно нѐ прелажуваат за вистински фотографии. Токму затоа тие добиваат и посебна епизода во овој серијал наменет на архитектурата и визуелниот дизајн.

Во оваа објава можете да го прочитате нашето интервју со Даме, но и да го погледнете видеото од разговорот кој се оддржа во склоп на настанот 5 години marh.mk, на 23.11.2019 во МКЦ Скопје.

 

 

 

 

  • Што сметаш дека е најважното нешто што го научи за време на студирањето?

Мислам дека самите студии те усмеруваат сам да истражуваш, не мислам дека многу те учат како да бидеш финален  продукт, архитект конкретно. Така што за време на студирањето мислам дека најважно што научив е да бидам малце по одговорен…а да, и да варам МНОГУ макарони. 🙂 

 

 

 

 

 

  • А сега, како архитект на архитект, морам да те прашам – како вадиш толку реални рендери?! Редовно ме прелажуваат за фотографии и секогаш се прашувам каде лежи тајната?

Тајната не би била тајна ако ја кажам… Шала на страна, нема тајна, дефинитивно е комбинација на материјали, светла, самиот 3Д модел и многу битно, самиот кадар. Тој како целост треба да биде и информативен и уметнички со цел да се постигне ефектот. Исто така, како еден од најбитни елементи ке издвојам дека се НЕРВИТЕ, да седнеш и да исц’цкаш сѐ до најситен детал.

 

 

 

 

 

  • До пред само неколку децении го проектиравме само тоа што можевме да исцртаме. Но денес, не само што можеме сѐ да исцртаме, можеме да направиме секакви 3D модели, па и да влеземе во нив и да ги фотографираме за нашите клиенти. Колку сметаш дека ова го промени самиот процес на дизајнирање?

Дефинитивно технологијата е од голема помош за самиот дизајн и целиот процес на изработка на проектот. Предност е што уште од почетната идеја па до финалниот продукт, можеме константно да го проверуваме просторот во три димензии со цел да сфатиме точно што се случува. Да се инспирираме од целосниот волумен, а не само дво-димензионално.

 

  • Твојата деталност не го опфаќа само дизајнот на мебелот или материјалите, туку и самата светлината – како еден простор ќе изгледа со природно или вештачко осветлување, и каде ќе паѓаат сенките или рефлексиите. Колку ти е осветлувањето важно при дизајнирање на еден ентериер?

Лично мислам дека осветлувањето е најважно во еден ентериер, односно општо за перцепција на архитектонската форма. За мене играта со волумени и светло-сенка е секогаш најдобар начин за креирање на интересен простор, со секако додаток на текстури како детаљ за збогатување. Иако ваквиот пристап ми е најинтересен, многу ретко го применувам во пракса, поради голем број ограничувања и желби на самите клиенти.

 

 

 

 

  • Како го разработи твојот талент за визуелна композиција? Дали ова е нешто што го научи во факултетските денови? Дали си имал некое друго искуство во визуелни уметности кое ти помогнало?

Општо кога почнав да студирам архитектура, почнав да се интересирам и за креирање на 3D и визуелизации. Едноставно, сакав секоја моја идеја и креација да ја опипам најдетално и најблиску до реалноста и некако тоа беше главната мотивација за да научам да работам. Инаку не би кажал дека на факултет ми помогнал некој од предметите, со оглед на тоа дека едукацијата за 3D и визуелизации на факултетот е сведена на минимум. Би кажал дека најмногу татко ми ми помогнал, иако и тоа биле релативно почетнички насоки за подоцна да можам сам да седнам и да истражувам. Инаку уште од основно многу сакав да се бавам со фотографија, имав и неколку изложби преку еден фотографски клуб во Куманово, така да најверојатно и тоа и општо љубовта кон дигиталната уметност имале придонес да научам да работам како што работам…

 

 

 

 

  • Дали сметаш дека има и недостатоци во креирањето на детално дизајнирани визуализациии? Еден апстрактен цртеж остава многу поголем простор за различни интерпретирања и слобода на измени во процесот на изработка. Дали можеби реалноста на рендерите ни исцртува една совршена атмосфера која ги подигнува нашите очекувања за просторот?

Мислам дека единствено нешто што некогаш недостасува е доволно време. Многу често се даваат нереални рокови кои не дозволуваат комплетно детализирање на моделите, со што се осиромашува интерпретацијата и самиот ефект на реалистично доживување на просторот. Инаку доколку се посвети доволно време, рендерите можат во целост да ја претстават атмосферата на просторот и истиот да изгледа како да е фотографиран а не компјутерски генериран.

 

 

 

 

  • Проектираш во современ стил и ги следиш тековните трендови од полето на архитектурата и дизајнот, веројатно и по барање на твоите клиенти. Но, дали некогаш дизајнираш простор само за себе? Во каков стил би ја уредил твојата куќа од соништата?

Многу често дизајнирам простори за себе, можеби половина од дизајните кои ги имам објавено биле такви. Многу често седнувам инспириран од сосема нешто случајно и дизајнирам некој имагинарен простор. А кога едноставно сакам да вежбам, наоѓам вистинска фотографија и се трудам да ја рекреирам во целост.  Инаку сум имал многу дискусии самиот со себе и многу дилеми околу тоа како би си ја уредил мојата куќа од соништа и искрено се уште се немам разубедено. Само знам дека ќе биде релативно минималистички, отворено и светло.

 

 

 

 

  • Дали често ги анализираш ентериерите низ кои се движиш? Дали те интересира внатрешниот дизајн и на објектите од јавен каратер?

Премногу често ги анализирам, дури ме нервира колку сум опседнат со такви работи, ќе влезам негде и загледувам се и сешто како професионален лопов 🙂 Инаку внатрешниот дизајн на објектите од јавен карактер ми е голем предизвик со оглед на тоа дека не правиш нешто за себе или за некоја личност која знаеш што сака, туку треба да креираш простор кој сите ќе го разберат и на сите ќе им е атрактивен.

 

 

 

 

  • Да имаш прилика да преуредиш било кој од јавните објекти низ Скопје, за кој би се одлучил? Како би сакал тој да изгледа?

Со оглед на тоа дека имам голема љубов и спрема музиката, од секогаш сум бил фасциниран од концертните сали низ светот и слободата при нивното проектирање, така да многу би сакал Скопје да добие една таква „дворана“, која веќе долго време се крие во руините на Универзалната Сала, која сметам дека очајно бара да биде преуредена. За тоа како би го извел тоа, би требал малце подолго да размислам.

 

  • За крај, ќе се свртам кон твоето друго занимање – музиката. Дали принципите на визуелен дизајн ти помагаат и во креирањето на музиката? Поточно, дали архитектурата ти помага да станеш подобар музичар, или пак можеби обратно?

Се имам приметено дека имам слични критериуми кон музиката и дизајнот, односно сакам и дветте да се комплексно осмислени, а сепак лесно разбирливи. Инаку, не би кажал дека сум приметил дека едното влијаелно на другото, дури можам да кажам дека музиката ја користам да искочам од тој колосек а сепак да останам креативно буден.