Студентски дом „Никола Карев“- Охрид / Фотогалерија

Објект: Студентски дом „Никола Карев“ во Охрид
Автор:
Никола Богачев
Автор на адаптација / реновација: Лидија Блажевска Јовановиќ
Изградба: 1964
Намена: 1964-1998 депанданс на Хотел „Палас“, 1998 – сега студентски дом
Локација: 
Партизанска бб, Охрид (Google Maps)
Автор на фотографии:
 Љубен Трајаноски /2025/
Извори: TVM.mk

 

Сместен на само 70 метри од брегот на Охридското Езеро, студентскиот дом „Никола Карев“ во Охрид претставува редок пример за адаптација на туристичка архитектура во студентско домување. Објектот е лоциран во директна близина на два високообразовни институции: Факултетот за туризам и угостителство и Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“.

Првично изграден во 1964 година како депанданс на хотелот „Палас“, објектот носи архитектонски белези карактеристични за туристичките капацитети од тој период — рационална организација, економичност на формата и ориентација кон природниот амбиент. Во 1998 година, структурата е пренаменета во студентски дом, задржувајќи го првичниот волумен и организациски принципи, но добивајќи нова програма и социјална функција.

Со приземје и четири ката, објектот располага со 90 соби со вкупен капацитет од 240 легла. Секоја единица е самостојна, со сопствено купатило и балкон — што укажува на висок степен на приватност и индивидуализирано студентско домување во рамки на колективна структура. Овој модел на сместување претставува одредено отстапување од класичниот коридорски тип со заеднички санитарии, чест во студентските домови од истиот период.

Просторниот концепт се одликува со директна ориентација кон езерото и внимателна употреба на терасите како медијатори помеѓу ентериерот и природната околина. Архитектурата овде функционира како подлога за секојдневието на студентите, а самиот објект сведочи за една фаза на југословенска модерна архитектура која успешно се прилагодува на различни програмски сценарија.