Универзална сала / Станкови
10.04.2024 • ХХ век / II половина
Автори: Јарослав, Љубимир, Владимир, Костадинка Станкови
Биро: ДСП Техноекспортстрој
Година на изведба: 1966
Извори: Architectuul (лиценца), Група Сѐ за Универзална Сала #УниверзалнаСала , МРТ,Телеграф БГ
Универзалната сала во Скопје е проект на бугарските архитекти Станкови, кои проектот го работат по урнек на Софискиот државен циркус, кој исто така гори во пожар во 80тите години на минатиот век.
Фото: Софискиот циркус / Телеграф БГ
Иницијативата за изградбата на објектот започнува во 1964та година а почнува со реализација во 1966 година.
Салата беше симбол на светската солидарност во подигнувањето на градот од пепелта за чија изградба донирале преку 30 држави од светот.
За нејзиното значење сме говореле повеќепати – македонската култура во изминатите 50 години е извајана и презентирана во оваа сала паралелно со регионалната и светската преку безбројните гостувања. Во неа се оддржани преку 5000 манифестации со вкупна бројка на посетители од скоро 6 000 000 луѓе.
Фасада / Architectuul
Основа / Architectuul
Архитектонски салата беше карактеристична по својата кружна форма, монтажен објект со неверојатно лесна конструкција. Внатрешноста ја дефинираше потковичастото фоаје и амфитеатралното гледалиште под доминантна купола со виснати акустични елементи. Просторот беше со можност за адаптација на сцена по целата должина на партерот, формирајќи слика по терк на античките хиподроми (т.е циркус) .
Аксонометрија / Architectuul
Во нејзината историја според фотодокументацијата, можеме да забележиме дека првичниот ентериер имал една несвојствена естетика за нејзиниот костур кој е модерен.
Архивски фотографии / Група Сѐ за Универзална Сала #УниверзалнаСала (Виктор Марковски)
Кога се случува нејзината прва реконструкција на ентериерот не ни е познато, но забележлива е интервенцијата во акустиката, промената на седиштата и адаптацијата на сцената.
Фотографии пред реконструкција / МАРХ Борис Јурмовски
Првата идеја за тековната реконструкција беше започната уште во времето на градоначалникот Ристо Пенов и трае скоро 2 децении. Секој следен презентираше идеи и проекти за развој, се до кулминирањето пред 4 години, кога се спомна опција и за нејзино рушење, кога МАРХ реагираше гласно и со помош на пошироката јавност успеа да го спречи истото. Но што потоа?!
Универзална Сала како потенцијална жртва на изгубениот градски идентитет
Откако се одбра (т.е доби) архитектонско решение како донација и се започнаа активностите, по промената на локалната власт, повторно реконструкцијата беше застаната од страна на тековната градоначалничка на градот.
Потоа следеа недолични прес конференции на кои беа нападнати вербално претставниците на Министерството за Култура, Проектантот на новото решение, Претставникот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија и останатите присутни.
Град Скопје го презентира проектот за реконструкција на Универзалната Сала
Објавени визуелизации од новиот ентериер на Универзална Сала
Под изговор за лош проект, целата интервенција беше застаната и одложена две години во кои се правеше корекција на истиот, за од скоро конечно да се предадат ингеренциите на Министерството за Култура за нејзиното довршување.
Пред неполн месец продолжи реконструкцијата, пред 10тина дена беше монтирана конструкцијата на новата купола, за вчера на 09.04.2024 година да избие пожар кој го пеплоса се она што беше останато.
За причините на пожарот нема да шпекулираме, но македонската пракса упатува секој пат на немарност или сомнеж за задни намери – еднакво возможни за ова општество кое се движи со брзина на неродените полжави.
Страшна е нашата карма како град, што ли се претрпе Скопје во изминативе 20 години?! Клетва да беше, до сега сама ќе се откажеше од својот пат…
Автор на статија: Filip Koneski
Историјат / Скопје / Став / Технички цртежи / Универзална сала