Паркчето во 11 Октомври – бараки претворено во градежно земјиште?!
Меѓу граѓаните на населбата 11 Октомври – бараки се повеќе се шпекулира околу уништувањето на единствената парковска површина, која се наоѓа позади истоимената месна заедница и автобуската постојка, позната како „Последна 4ка“.
Дупка од геомеханички испитувања на земјиштето
Маалските шпекулации говорат за станбен објект со висина од П+6 ката, на просторот кој го опфаќа паркот и поранешното маалско игралиште, денес паркинг. Во прилог на кажаното е неодамнешното испитување на земјиштето и затекнатата механизација потребна за истото, како и истиот обид пред повеќе години кога жителите на оваа населба јавно негодуваа.
Во предлог урбанистичкиот план за градска четврт Ј13, површината е одбележана со Д2 или заштитено зеленило и рекреација со важност на планот од 2013-2017та година. Но, усвоениот план не е јавно достапен на општинската страна со што не можеме да го приложиме истиот на нашата страна. Ваквите промени во планот се водат преку поднесување на АУП, или Архитектонско-урбанистички проект со кој се бара измени во истиот. Да се прифати ваков предлог, во случај шпекулациите да се вистинити, говори само за уште една тажна приказна на македонскиот урбанизам и однос на актуелниот градоначалник кој живее на помалку од 100 метри од спомената локација.
Земјиштето е во сосопственост, според катастарските податоци јавно достапни, на 18 лица меѓу кои има сопственици од Македонија, Босна и Херцеговина и Србија.
За овој простор се водеа правни постапки за денационализација, меѓутоа според истиот закон, јавните зелени површини не би требало да се најдат во истото. Во таков случај државата компензира со друго земјиште во државна сопственост или ги обештетува на друг начин сопствениците.
Според сите слични случаи и неукото урбанистичко раководење на општините во Македонија, видовме дека тоа е возможно и покрај негодувањето на граѓаните и постоењето на законите. Всушност во овој дел на Кисела Вода, се удоволија алчните апетити на многу сопственици на земјоделско земјиште ( Расадник) со што општината ја пропушти можноста да ја формира сопствената градска слика. Во овој дел на Скопје недостасува градски парк со сериозна парковска површина, покрај кој се разбира ќе останеше и доволна површина за станбена изградба. Но, такви очекувања се за во некоја земја каде општините ќе имаат вработено сериозна бројка на архитекти и урбанисти, наместо правници и администрација која нема чувство за тематиката.
Населбата ја поседува и позната „Полјанка“ каде најчесто се рекреираат и одмараат жителите, која со спроведувањето на полувековниот план за изведба на „Јужниот Булевар“ истата ќе ја изгуби. Во тој случај оваа населба која важеше за удобна и тивка населба на 3,5 км од центарот на Скопје ќе стане густо изградена зона без никакви спортско-рекреативни површини и зеленило!
Ф.К
Автор на статија: marh
11 Октомври-бараки / Градежно земјиште / Зеленило / Паркче / Урбана мафија