Саат кулата во Битола

Период: XIX век
Локација: Градски парк, Битола
Извори: SDK.mk, Bitola.info, Wikipedia

 

Саат-кулата во Битола е времемерно здание во градот Битола и една од најпознатите негови знаменитости. Во историските записи за Битола, саат-кулата се спомнува уште во 1664 година, но не може со сигурност да се каже дали се работи за денешната саат-кула. Многумина веруваат дека е изградена во исто време со црквата „Св. Димитрија Солунски“, поточно во 1830 година.

 

Панорама на Битола (Монастир) со саат-кулата. Дело на Едвард Леар (Edward Lear), 1848.

 

Саат-кулата за многумина претстава еден од најважните симболи на градот Битола. Сместена е во Градскиот парк, во срцето на Битола, на просторот помеѓу црквата „Св. Димитрија“ и Јени-џамијата, на некогашниот „Пекмез-пазар“. Паркот е собиралиште за младите жители на градот, како и едно од најпосетените места од страна на туристите. Паркот е исто така место каде што граѓаните за време на Бадниковата вечер го чекаат Божиќ и палат свеќи за здравје, долж тревникот и тротоарот на паркот каде што е кулата.

 

 

Кулата има основа во облик на квадрат, со страни од по 5,8 метри и во нејзе се влегува од северна страна. Висока е околу 32 метри. Внатре постојат спирални скали со кои се стигнува до горниот крај на кулата. На врвот на кулата се наоѓаат тераси со ковани огради, а на сите страни на терасите се наоѓаат конструкции коишто држат светилки со помош на што целата кула и нејзиниот часовник се видливи и ноќе. Часовникот се наоѓа на најгорното од трите нивоа.

Според легендата, кулата е изградена кога отоманските власти во градот, односно Турците, поминале по сите околни села и собрале околу 60.000 јајца од коишто направиле малтер. Од смесата измешана со камења ја изградиле кулата чии цврсти ѕидови стојат и денес неоштетени.

 

Отоманска разгледница од Битола. Извор: Wikipedia

 

До 1912 Саат кулата го мерела времето според “А ла турка”, а потоа со модерното мерење на времето „А ла франга“. Нов бројчаник и саатен механизам изработен од германското претпријатие „Конфаге“ бил поставен во 1927 година, со што лицата задолжени да ги удираат камбаните биле заменети од саатџиите, кои го одржувале часовникот и неговиот механизам. „Конфаге“ бројчаникот бил бел со црни броеви и стрелки и со помал пречник од бројчаникот што е поставен сега.

 

Разгледница од 1930-те. Извор: Wikipedia

 

Овој часовник е заменет во 1936 година пред започнувањето на Втората светска војна со понов и многу попрецизен часовник. Новиот часовник го купиле Германците во знак на благодарност на граѓаните за германските гробишта коишто ги подигнале за жртвите од конфликтот во Битола, заедно со англиските и француските гробишта за време на Првата светска војна. Тогаш бил заменет часовничкиот механизам, а биле поставени и 15 ѕвона, тешки 900 килограми. Механизмот е обновен во 1962 година, а во 1970 година била поставена и клавијатура за изведба на нови композиции.

 

Саат кулата како дел од разгледница со знаменитости од Битола, 1930

 

Последната голема обнова на саат-кулата се случила во 2009 година, кога покривниот дел бил обложен со бакарна облога. Воедно, бил обновен и плочникот околу часовникот. Во текот на обновата, бил обновен и самиот саатен механизам, при што помогнале и германски стручњаци. Со репарацијата на механизмот се изгубила песната „Таму ле мајко, близу Битола“, посветена на народниот херој Таки Даскало, која со децении била отчукувана во исто време, поради што обновата наишла на критики од самите битолчани. По промената на механизмот, останала да се слуша само песната „Битола мој роден крај“ на Ајри Демировски.

 

Саат кулата од блискиот парк. Извор: Wikipedia

 

Обновениот часовник. Извор: Wikipedia

 

Саат-кулата има и единствен музички механизам со 15 камбани од кои одекнува одредена мелодија на секои шест часа. Истовремено, овој објект дава препознатлив урбанистички акцент во Битола бидејќи во релација со монументалните споменици во неговата близина се создава единствен урбан ансамбл. Со тоа, Саат-кулата во Битола се вбројува во редот на културни добра со највисока културно-општествена валоризација како своевиден белег на градот на конзулите.

Ова лето, саат-кулата во Битола ја добива највисоката верификација и се вбројува во редот на културни добра со најголема културно-општествена важност на градот. Владата, на седницата одржана на 11 јули 2023, донесе одлука за прогласување на Саат-кулата за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење, соопштија од Министерството за култура.