Предавања на Јелена Вучиќ (BIG) и Мелоди Леунг (ZHA)
12.10.2025 • Информации

Вчера (11.10.25) со почеток од 19:00 часот во МОБ, во рамките на XXII Биенале на македонската современа архитектура во организација на Асоцијација на архитекти на Македонија (ААМ), се одржаа предавања на две светски познати архитектонски студија кои го насочија вниманието кон светската архитектура, нејзината тенденција кон инклузивност, одржливост, како и релацијата помеѓу креативноста и експериментирањето со цел поголем напредок. Настанот го отворија Марија Димитриевска Цилакова како член на Управниот одбор на ААМ и Иван Мирковски како претседател на овогодинешното Биенале на македонската современа архитектура, кои посочија на важноста на архитектурата како колективен чин на одговорност.
Првото предавање го одржа Јелена Вучиќ од компанијата Bjarke Ingels Group (BIG), а потоа следуваше Мелоди Леунг од компанијата Zaha Hadid Architects (ZHA).
Јелена Вучиќ (Bjarke Ingels Group) – Давање форма како одговорност: Дизајнирање одржливи, инклузивни и радосни простори
На самиот почеток претставувајќи ја компанијата, Јелена посочи дека имаат голем тим од научници (инженери, биолози, политичари-претприемачи итн.) со цел да се комбинираат вештините и преспективите за соодветно да се соочат со комплексните предизвици на денешницата. Нивните оддели за архитектура, пејзажен дизајн, дизајн на ентериери, урбано планирање и продукт дизајн, овозможуваат колаборација и можности да се согледуваат работите кои секој оддел засебно не би можел да ги согледа, создавајќи колективна генијалност во дадениот контекст и програма.
Следствено на воведот беше презентиран голем спектар на проектите на BIG како: BIG HQ, Copenhagen, Denmark; Gelephu International Airport, Gelephu, Butan; East Side Coastal Resiliency, New York, US; The Plus, Magnor, Norway; Suzhou Museum of Contemporary Art, Suzhou, China; CopenHill, Copenhagen, Denmark; Vltava Philharmonic Prague, Prague, Czech Repubic; и многу други.
Јелена објасни како дизајнот – концептуализиран како „formgivning“ или „давање форма“ – може да надмине конвенционални парадигми за да поттикне отпорност, зачувување на културното наследство и благосостојба на заедницата.
Гледајќи ги проектите лесно може да се забележи тенденцијата кон создавање одржлива и инклузивна архитектура. како и професионализмот и умешноста да се креираат „радосни места”.
Како заклучок од предавањето на Јелена Вучиќ може да го издвоиме тоа дека компанијата BIG со нивната работа придава значајно внимание на селекција на проектите – што, за кого, како и на кој начин се гради.
Мелоди Леунг (Zaha Hadid Architects) – Напредок во архитектонската иновација: Праксата на Zaha Hadid Architects
Мелоди Леунг е директор во Zaha Hadid Architects (ZHA), каде што има лидерска улога во креативниот отсег, дизајн и комуникации. Во текот на своите две децении во оваа архитектонска практика, таа се фокусира на реализирање на значајни проекти кои вклучуваат наградувани архитектонски решенија, ентериери, продукт дизајн, како и признати изложби во водечки музеи и галерии ширум светот. Избрана од своите колеги во одборот на доверителскиот фонд за придобивки на вработените, Мелоди ја води посветеноста на компанијата кон корпоративна општествена одговорност.
Таа не воведе во светот каде формата, технологијата и емоциите се спојуваат во архитектурата. Започна од самите почетоци на компанијата, кога таа била оформена и низ кои фази еволуирала низ годините за денес да биде тоа што е – компанија која истворемено флуктуира помеѓу креативноста и експериментирањето. Супрематизам, деконструктивизам, дигитализација, параметрицизам, тектонизам, се само дел од термините кои ги наоѓаме во нивните проекти.
Презентирајќи ги фантастичните проекти на компанијата не внесе во еден поинаков свет на гледишта и дијалог помеѓу најразлични аспекти при проектирање. Користењето ја предноста на развојот на технологијата тие прават импозантни објекти кои на прво видување будат комплексни прашања. Креирање на целосно нов свет каде се отвораат можности за просторна реконфигурација и архитектура.
Како заклучок од овие две предавања од светски познатите компании, можеме да го изводиме фактот дека за да се создаде добра архитектура потребен е дијалог/соработка помеѓу различни засегнати оддели. Наспроти инженерството, архитектурата, се вклучуваат и хуманстичките науки, биологијата, уметноста, создавајќи различни експертизи со кои се разгледуваат проблемите и предизвиците со цел создавајќи добра архитектура.