Oстварување на мега-проектот Европска престолнина на културата – Скопје 2028 / Павловска – Циги
11.11.2026 • Став
Потребна е однапред (значи, сега и веднаш) маркетиншки подготвена кампања за општа широка мобилизација и ангажирање на граѓаните со цел да им станат блиски и емпатијата и доблеста и волонтерството кон ЕПК СК2028.
Текстот претставува обид за создавање мисловна и емотивна подлога за делување и забрзани активности во остварувањето на мега-проектот Европска престолнина на културата – Скопје 2028 (ЕПК СК28), при што се изнесуваат предлози кои имаат просторна димензија и кои побаруваат повеќе време за реализација. Така, преку однапред направена професионална процена, најсигурно се остварува визијата која одговорните би требало веќе да ја имаат.
Како е замислено да изгледа Скопје 2028 – Европска престолнина на културата?
Пред сѐ, се очекува секоја културна установа во градот да достави предлог- програма за своето учество до одговорниот субјект во структурите на проектот ЕПК СК 2028. Проверена, одобрена и буџетски проектирана програмата ќе го потврди капацитетот и оправданоста установата да постои или не. Потребно е да аплицира на секој оглас за ЕПК СК2028 навремено и соодветно со проекти од својата сфера на делување.
Јавен простор
Потребна е софистицирана прецизна урбанистичка дефиниција на погодни јавни градски простори и „меѓупростори“ (преглед, референци…) за спроведување на програмата на ЕПК СК 28. Практикување на современите трендови и филозофијата на „градови за луѓе“ подразбира нивно иновирање со примена на принципи и нагласена хумана димензија. Активностите во таа сфера се особено фокусирани на зголемувањето на пешачки облагородени површини во самиот центар на градот (Плоштад Македонија и околу него) за што постои извонреден материјал во Извештајот од проектот со проф. Јан Гел кој би бил базичен акт за прогласување на нова пешачка зона во центарот на градот. Најнапред е потребно ново сообраќајно решение со нови граници и апсолутна поддршка на МВР, за потоа да се спроведе истражувачки процес низ пробен период на нов режим на користење. Се предлага во 2027 година да се воспостави ритам на користење на така проширената пешачка зона (само во викендите) заради добивање на сознанија за евентуални корекции или прецизности. Анимација на секој сквер поодделно може да подразбира инсталирање на холограми на великаните од нашата историја и така да ја раскаже нашата „приказна“. Со анкетирање на граѓаните на таа тема, ќе се дојде до оригинални репери потребни за вистинска процена и соодветен одбир.
Највисок приоритет е итно реновирање на постојни и изградба на нови јавни тоалети во централното градско подрачје и ширум целиот град, како и на јавните чешми со поправка и редизајн на постојните и спроведување на нови. Тоа претпоставува во следните денови измена и дополна на Програмата за урбана опрема на Град Скопје за 2027 год.
Со оглед на богатото културно наследство и можностите со културниот туризам врзан за ЕПК СК2028, се бара анализа за статусно одредување на приоритети според критериумите и режимите на самата заштита. Познати се силните и гласни искази на политичка волја и ставовите наследството разумно и организирано да се негува, штити и презентира (Шалтер сала на Поштата, Универзална сала, музеите на Кале и др.), но роковите за тоа се веќе „тесни“. Навистина недостасува оперативност и брза реализација на ветеното, недостасува поттик од страна на центрите на моќ, а бледа е идејноста кај општествено одговорните субјекти (политички партии, успешни компании, банки, универзитетите итн.). Значи, потребно е да се ефектуира користењето на секое градителска или која било физичка вредност од минатото по принцип на самоодржувачко функционирање и управување. Се очекува сите стари и нови акценти во просторот да добијат легитимитет – правен профил, форма и содржина за да им се овозможи да „заживеат“ а за да може со менаџерски вештини да се стават во функција на проектот ЕПК СК2028, во слава на културата. Сите авторитети од градов што се со морал и етика, може да станат вертикали во неговата култура, неговата иднина, а истовремено тоа би било и совесност и полезност и развојност и задоволство итн.
Во процесот на ревитализација и анимација на јавните градски простори треба да се поттикнат идејноста кај младите, особено архитектите, уметниците, занаетчиите… при што прво да се објават повеќе огласи за пријавување на проекти. Многу би било умно да се промовираат од страна на наставниците и професорите веќе создадени и свежи креации, студии и анализи на градските теми од студентите (архитектура, сликарство, од школите за дизајн). Тој тип на практична и афирмативна соработка би била многузначна и топло поздравена.
Практикувањето на огласи и тендери се подразбира но пречесто се оспорува добиениот квалитет на бараниот производ, така што во оваа фаза на недостиг на време можно е само преку институцијата конкурс да се добие нешто. Потребна е серија на конкурси со високи критериуми за да се воспостави компетиција, за да се препознаат нови трендови, за да се добие посебност за паметење.
Потребно е и завршување на отпочнати, а незавршени градежни (фасадни) интервенции во јавните простори, но секако и отстранување на некои постојни извонредно непотребни структури како напуштениот постамент на скулптурата на Мајка Тереза на ул .„Орце Николов“.
За градското зеленило (1): Слободниот простор пред раб на исчезнување
Зелена патека
Идеjата за зелена аксијала дојде по една експертска процена на групациите на зеленилото долж реката Вардар како специфична просторна екоструктура со доволно релевантности за посебен заеднички третман, за обединување во една зелена патека.
– Преку анализирање и евидентирање на веќе постојното вредносно зеленило и погодни контексти на низата од новото масовно зеленило да се создаде фактичка подлога за поголема градска интервенција – создавање на зелена градска оска;
– Дефинирање на зафатот (Езеро Треска, Сарај, Ѓорче, Хром, Влае, Градски парк, мостови, Кале, Гази Баба, Аеродром или Железара, Макстил или…) со прецизно означување на границите на тематскиот простор и акцептирање на постојната урбанистичка и катастарска документација за него;
– Изготвување на оперативен план кој ќе зафати повеќе аспекти низ високи етички, културолошки, социјални и естетски критериуми за одредување приоритети;
– Поврзувањето на зеленилото во една оска да подразбира и сериозно согледување на перфомансите на постојниот озеленет градски простор, и негова надградба со нови содржини.
– Комуникацијата во и околу коридорот професионално да биде составен дел од урбанистичко и пејзажно дефинирање со насочување кон постојаните и повремените корисници – граѓаните, посетителите, туристите…
– Модус на уредување на просторот со хортикултурни решенија и проекти врз детална регулација на урбанистичките парцели.
Се очекува софистициран приод кон „меѓупросторите“ како врзни елементи на новосоздадената една единствена просторна целина именувана како зелена аксијала.
Град на липите
Спецификата и поетиката на градот Скопје со неговите липи во јуни обврзува акција на создавање поголем фонд од ова дрво во неговото урбано ткиво. Бројката би се движела од 100 до 200 илјади садници и десетина нови паркови-шуми па во јуни ќе мириса на чај целиот град. Тоа и би требало да стане тема и инспирација на низа кулинарски перформанси врзани за липа и чај.
Особено погодна форма би биле тематските садења на липи и други автохтони дрвја како секојдневно практикување: на пример садница за секое родено дете или за склучен брак или кој било друг мотив.
3Д мапинг и ласерски проекции – 60 години од скопскиот земјотрес
Празнување на светлината
Се предлага секој викенд во 2028 година да се одржуваат празнувања со светлосни перформанси, илуминациски експерименти и уметнички инсталации, со светлечки ефекти на фасадите и на небото, а за што програмски и оперативно треба да се ангажира специјализирана компанија. Тој одбран стопански субјект би бил задолжен и за воспоставување и одржување на спомнатите холограми на секој сквер, мал или голем плоштад, на секој погоден отворен јавен простор во градот и сл. Се предлага тоа да бидат ликови битни за македонскиот идентитет и препознатливост за паметење, односно ликови од културата, историјата, митологијата достојни за глорификација.
(НЕ)функционални простори и објекти
Секој град содржи „напластени слоеви“ – траги од своето живеење, развој, подеми и падови. Постои можност или поточно обврска оние објекти и простори кои се како заборавени, а имаат соодветна референца и кондиција, да станат дел од ЕПК СК 2028, да станат културолошки пунктови, со мали интервенции да добијат соодветна намена само во подготвителниот период на ЕПК СК2028 или само во годината 2028.
На пример таква е куќата на Манушеви спроти Грчката амбасада (посебен фото прилог) која не се користи иако е во кондиција и истовремено податлива за мала интервенција (чистење, бојосување, ентериерно уредување, користење на дворот и сл.) која всушност лесно би овозможила нов деловен простор или нова културолошка содржина. Секако, куќата останува во приватна сопственост, но понудена е да се отстапи на користење во 2028, а за потребите на големиот европски проект.
Арапска куќа е експлицитна „светла“ точка во градската колективна меморија која заслужува фокус на воспоставување договор и правна форма за нејзино ставање во функција на ЕПК СК2028. Хотел Бристол исто така.
Изгубени модернистички утопии? Перформативен настан во јавен простор
Објектот наречен Домче во населбата Тафталиџе (кој е регистриран во Катастар на недвижности како сопственост на Социјалистичка партија на Македонија) претставува еклатантен пример на архитектонскиот творечки израз на Модерната и е егземплар за проучување (Брутализам). Тој може да влезе во трасите на тематските туристички тури кои веќе се остваруваат во градот. За жал, неодговорниот однос кон таа вредност, го доведе објектот во бедна состојба и сите нѐ осиромаши за едно моќно пулсирање на културниот живот во таа населба и задоцнето прогласување на режим на заштита.
Секако постојат и напуштени фабрики, магацини и складишта како Хром, Стаклара, Славија… за кои е потребно мало дополнување на веќе изготвените проекти за ревитализација и пренамена (МАРХ) и дополна со увид на моменталната кондиција на објектите. Мапирањето на сите потенцијални (браун филд) простори би било од голема корист заради соодветен одбир и процена. Овој тренд е сосема потврден и многу применуван за облагородување и збогатување на културниот живот на градот во целина. Значајните точки во градот, особено оние кои се дел на колективната меморија веќе се поврзани во турите со интерпретација кои ги водат архитекти, конзерватори, интерпретатори и сл. Но тие градски репери мора да имаат ознаки и именувања. Нивната денешна инфо состојба е срамно сиромашна и недопустлива. Се предлага акција со еден интервентен проект за формата, местото и поставувањето на инфо-табли, поединечни ознаки и елементарни податоци информации за секоја битна точка, објект, површина, простор во градот (Вијадуктот, Градски парк, Франкофонски парк, Спомен белегот на децата бегалци, Сидрото до Камен мост, Свечената гробница во Бутел и др.) Слободна процена е потребата од 20 инфо-табли, 50 плочи со податоци и текстови, 100 мали метални плочки (со името на делото и авторот).
Потребна е однапред (значи, сега и веднаш) маркетиншки подготвена кампања за општа широка мобилизација и ангажирање на граѓаните со цел да им станат блиски и емпатијата и доблеста и волонтерството кон ЕПК СК2028.
Припадноста на Градот мора да стане движечки мотив на секој негов жител.
Даница Павловска Циги
Автор на статија: Filip Koneski
2028 / Даница Павловска - Циги / Европска престолнина на културата / Скопје / Став
