Хотел „Дрим“ / Најденов, Токарев

Година: 1973 - 1977

Автори: Љубен Најденов, Андреј Токарев

Фотографии: Александра Костадиновска

Локација: Струга

 

Сместен на самиот брег од Охридското езеро и реката Црн Дрим, хотелот „Дрим“ зазема одлична позиција од централното подрачје на градот Струга. Хотелот е одличен пример за тоа како објектите од областа на туризмот со својата типологија можат да ги задоволат глобалните и социокултурните барања, а во исто време да бидат во комплетна корелација со природната средина, опкружувањето и местоположбата.

 

Местоположба на хотел „Дрим“ во контекст на градот Струга

 

Љубен Најденов (1930-75) и Андреј Токарев (1935-2021) кај хотелот Дрим во Струга (1973-1977) прават еден вид „бродска“ структура на хотелските единици со конкавни ламели. Заедничките простории на првите две нивоа со големите фасадни отвори се стремат кон целосна интеграција на прекрасниот брег на езерото и на реката Дрим.

 

Сателитска снимка на хотелот

 

Во основа јасно се препознават четирите конкавни лаци кои тангентно се допираат меѓусебно и формираат една компактна структура од еднакви ламели, формирајќи атрумски заеднички простор во средишниот дел. Влезната партија се наоѓа во вовлечениот простор од лакот, што дава впечаток  како да ги повикува посетителите.

По вертикала, секоја од ламелите каскадно се вовлекува по различните нивоа во висина, почнувајќи од приземје па се до последниот кат. Така се создава една едноставна, но сепак разиграна структура којашто се “олеснува“ со самото искачување по катовите.

 

 

Конструкцијата е јасно препознатлива и читлива и на самата фасада, дава впечаток на силна и  хоризонтално потенцирана структура по нивоата, каде помеѓу нив има полесна застаклена структура која репетитивно се повторува и соодветствува на секој кат.

Во внатрешното уредување покрај основната бетонска структура и големите стаклени завеси, користено е дрвото како основен материјал кој создава топол амбиент. Атриумот како заеднички простор, околу кој внимателно и ненаметливо се обвиткуваат вертикалните комуникации, е уреден со зеленило кое дополнително додава на пријатната атмосфера во внатрешноста на хотелот.

Денес хотелот располага со 196 соби ( двокреветни и трокреветни ) и 4 апартмани. Во својот комплекс хотелот вклучува ресторан и две помали сали, 7 конференциски сали, внатрешен и надворешен базен, куглана, сопствен паркинг и сопствена плажа.

 

 

Во продолжение погледнете го и спотот на Blackstate за песната „The Arsonist“, за чие снимање беа направени фотографиите во објавата:

 

Хотелот „Дрим“ како сценографија / The Arsonist